Дневната изложеност на свеж воздух е важна за градење и зајакнување на имунитетот на бебето, а ниските температури не значат дека треба да останете внатре. Сепак, потребна е и претпазливост, особено кога станува збор за бебиња. Бидејќи децата до две години се посклони кон хипотермија и нивното тело полесно губи топлина, тие треба да бидат облечени во повеќе слоеви памучна облека за прошетка и да бидат покриени, бидејќи им е постудено кога лежат.
-Уште од еден месец бебето може да излезе надвор дури и во зима, но ако е предвреме родено, подобро е да ги одложите прошетките кога надвор температурите се под нулата. Треба повремено да ги допирате рацете на бебето за да бидете сигурни дека не му е премногу ладно. Во зима најдобро е да се шета околу пладне, а да не се излегува кога има магла, мраз или силен ветер. Не треба да се шета ниту навечер – објаснува педијатарот Џована Армано.
Дневната прошетка не мора да значи престој во трговски центри. За првите излегувања со бебето во зима доволно е до половина час, а потоа постепено да се продолжува времето на шетање. Децата постари од две или три години можат да бидат надвор подолго од еден час ако се физички активни. Бебињата често се соочуваат со течење на носот при прошетки во зима, што е нормална реакција на ладен воздух.
Бидејќи бебињата често се лигават, потребно е да се избрише пределот околу усните за да не се оштети кожата.
-Најниската температура кога можете да одите надвор зависи од возраста и временските услови. Скандинавците излегуваат на -15, но ние не сме навикнати на тоа. Не би препорачал малите бебиња да излегуваат кога температурата е под нулата – советува д-р Армано.

Една од најчестите грешки што ги прават родителите е несоодветното облекување на своите деца – почесто се практикуваат премногу дебели парчиња облека. Бебињата секогаш мора да носат капа надвор бидејќи 25 проценти од телесната топлина се губи преку главата, а тоа не значи дека мора да бидат премногу облечени надолу. Ова може да предизвика оштетување на терморегулаторниот систем, па детето подоцна ќе биде отпорно на зима и посклоно кон настинки.
Постарите деца што скокаат и трчаат треба да носат помалку слоеви бидејќи ќе се потат, а облеката треба да биде водоотпорна.
-Лесно ќе препознаете дали на бебето му е ладно. Ќе плаче, рацете ќе му бидат ладни, па дури може и да трепери. Ако родителите ги забележат овие знаци, детето треба да се однесе дома, да се загрее и да му се даде топол пијалак – вели д-р Армано.