Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Здраво, ве замолувам за помош бидејќи во моментов е повеќе од потребна. Девет месеци имав нормална бременост, се беше во ред, на секој преглед и секое испитување. Породувањето исто така помина одлично. Бебето беше здраво и живо, се додека наредниот ден не ми соопштија за дијагнозата. Не се работи за лекарска грешка, виновник нема. Почина по неколку дена.

Не сум сигурна дали повторно сакам да останам бремена, чувствувам голема доза на страв. Најтешкиот дел од денот е кога треба да заспијам, мислите ми се сеуште таму. Од време на време влегувам во детската соба и не знам дали е нормално и здраво што таму се чувствувам мирна и спокојна. Често разговараме со сопругот и ја споделуваме болката, но од друга страна веќе не сме толку интимни како пред да останам бремена. Од бебето имам и слики кои ги гледам многу често и се прашувам дали тоа е во ред. Исто така не знам ниту како да постапам со сопругот за да му помогнам или барем да му ја намалам болката, тој има многу поголеми трауми и од мене, бидејќи денот кога почина не ми дозволи да отидам со него. Тој го видел бебето, го држел во раце и знае каде е и закопано. Сакам да отидам, но се плашам да не ми создаде сето тоа уште поголеми трауми. На улица се загледувам во секое бебе и го барам своето, а тоа поред мене и не е многу нормално. Не знам од каде, како да тргнам, почнам или продолжам, затоа и ви пишувам.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Без разлика кога и колку губења сме доживеале , тие се секогаш тешки и на секого му треба време да ги преболи. Сите различно реагираат на загубите, кои носат и збунетост и неразбирање. Тие се составен дел на процесот на тагување и со тек на време се повлекуваат.


Во моментов сте со измешани емоции и една разумна мисла дека животот за вас и сопругот продолжува. Тоа е момент каде како жена , човек, мислата и чуставата ве збунуваат. Вие и психички и физички девет месеци сте се подготвувале и двајцата како пар за да бидете идни родители, за една нова состојба , за добивање нов член во семејството. Вашите желби, идеи и планови се прекинати и сега сте збунети. Нормално е да поминете низ тагата што моменталната состојба ја предизвикала. Дозволете си ги емоциите кои ве преплавуваат , споделете ги без префрлување. Зборувајте за нив во прво лице еднина, зборувајте како се чуствувате. Поминете низ вашата болка заедно. Споделувајте ги убавите мигови од бременоста и тагата која сега ја имате.

Прашувате дали да ги гледам фотографиите и колку е правилно да седам во детската соба?
Во целата состојба на губење и тага, измешани емоции, прашања и збунетост, реакциите кои ги имаме ни изгледаат необични. Многу често се случува во еден момент да се однесуваме како ништо да не се случило или пак постојано да размислуваме за случката. Се појавуваат стравови (како што спомнавте за страв од повторна бременост), многу изразено чуство на вина и лутина кон другите или себе . Важно е во тие мигови да бидете свесни за големото влијание на вашите емоции, мисли и одбранбени мехазми за соочување. Следете се и грижете се за вас , како се чуствувате во моменталната состојба. Проверувајте се себеси што прави да се чуствувате лошо или добро и избегнувајте ги моментите кои ве онерасположуваат. Бидете во контакт со природата и пријателите.

Ке ви раскажам една приказна која ја раскажувам на луѓе кои имаат губитоци.
Приказната вели: Ние луѓето имаме три животи. Едниот живот е животот кога растеме и се формираме во стомачето на мама. Таму се храниме, пливаме, живееме, слушаме што се случува во светот надвор од стомачето на мама. Таму живееме девет месеци и тоа е нашиот свет. Но таму не можеме да останеме засекогаш. Доаѓа мигот кога тој свет треба да го напуштиме и да поминеме во светот во кој сме сега сите ние. Да се родиме. Раѓањето или поминувањето во овој свет е проследено со плачење и радување. Мајката плаче кога бебето се раѓа, плаче и бебето додека да се навикне на овој свет полн со многу луѓе, воздух и непознати, додека сите блиски луѓе се радуваат на новиот живот – бебето и го слават неговото раѓање. Потоа бебето расте, живее, се формира во голем човек, учи, работи. Повторно доаѓа мигот кога треба да го напушти овој свет. Не може вечно да живее во овој свет. Некој порано, некој подоцна го напушта овој свет, умира. Се мисли дека тој преминува во живот на вечноста на незаборавот. И тоа е вистина бидејќи зборувајќи за нив, ние не ги забораваме. Умирањето или преминувањето во животот на вечноста повторно е проследено со радост и тага. Блиските што остануваат тагуваат и плачат, а тој се радува бидејќи продолжува да живее во вечноста на незаборавот.
Затоа и го велиме свет на вечноста и незаборавот, бидејќи нашите изгубени –умрени личности ги спомнуваме, помислуваме и се дел од нашиот живот. Белег кој останува и не потсетува за нашиот живот во кој дозволуваме да има добивање и губење, радост и тага, земање и пуштање.

Тагувањето е нормална реакција на губењето, процес на природно лекување на личноста и прифаќање на фактот дека некој или нешто го нема во нашиот живот. На почеток се соочуваме со страдање и болка, додека на крајот на процесот тагувањето го приспособуваме на новата состојба и животни улоги и продолжуваме да живееме.
Ви препорачувам во вашето тагување да не останете сами со сопругот. Побарајте совет од стручно лице кое ќе ви помогне и ќе ви биде водилка во барањето на многуте одговори.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X