Во второто и третото тримесечје може да почувствувате необични движења во стомакот слични на пукање пуканки. Тоа е вашето бебе кога ика во стомакот!

Икањето на бебето во утробата е, всушност, серија на мали движења на дијафрагмата на бебето, кога почнува да вежба дишење. Додека бебето вдишува, плодовата вода навлегува во неговите бели дробови, предизвикувајќи контракција на дијафрагмата во развој. Резултатот е икање во утробата.

Како изгледа икањето на плодот и кога се појавува?

Икањето на бебето е брзо, повторувачко движење за кое можете да кажете дека дефинитивно доаѓа од бебето. На почетокот можеби ќе помислите дека тоа е лесен удар, но потоа ќе се случува повторно и повторно. Ако обрнете внимание, ќе забележите дека ритамот го отсликува икањето на возрасните, кое исто така е предизвикано од движењата на дијафрагмата, но секако во верзијата за возрасните, наместо плодова вода, има наплив на воздух.

Според д-р Ен Браун, медицинска директорка на службата за женските здравствени услуги, во болницата „Инова Лоудун“ во Вирџинија, „почетокот на третото тримесечје е кога повеќето жени почнуваат да чувствуваат икање на плодот, но на ултразвук тоа е веќе видливо во првото, кога дијафрагмата на бебето се развива“.

Зошто бебињата икаат во утробата?

За разлика од децата и возрасните, пребрзото голтање на оброкот нема да предизвика фетално икање. Наместо тоа, икањето е едноставно несакан ефект од тоа што бебето ги „испробува“ сите нови работи што може да ги направи. Кога бебето ика во утробата, се случуваат неколку развојни пресвртници – показатели дека тоа ќе пристигне на светот, за само неколку месеци. Еве што се случува во самиот негов развој, кога бебето ќе започне со икање во утробата:

-Респираторен систем на бебето: способноста на бебето да вдишува и издишува плодова вода, а со тоа и да ика, е добар знак дека дијафрагмата добро се развива. „Овој процес започнува околу 10-тата недела, иако веројатно нема да можете да го почувствувате феталното икање уште неколку месеци“, вели Браун.

-Нервен систем на бебето: Според гинекологот д-р Бренди Ринг, икањето на фетусот укажува на активирање на нервите кои ја контролираат дијафрагмата. Тие помагаат да се потврди дека мозокот и ‘рбетниот мозок се недопрени и ја вршат својата работа. Со други зборови, икањето на фетусот значи дека бебето станува невролошки доволно развиено за да преживее надвор од утробата“. Што секако е добра вест!

-Бебешки рефлекси: Освен што дишат, бебињата практикуваат и цицање палец и проѕевање, всушност, сите прекрасни работи што ќе ги прават кога ќе се родат. И сите овие активности може да доведат до икање, објаснува Шар Ла Порте, бабица од Њујорк.

Икање на фетусот: Колку често е нормално?

Бидејќи секоја бременост е уникатна, не постои правило за тоа колку често треба или не треба да се појавува фетално икање. Ла Порте објаснува дека икањата можат да се појавуваат случајно и често, понекогаш и неколку пати на ден. Сепак, некои бебиња се чини дека не икаат многу и тоа е исто така добро, додека чувствувате други движења во стомакот. Ако секојдневно броите удари од вашето бебе (т.е. забележувате колку често тие се случуваат во истиот час секој ден), не сметајте го икањето како дел од бројот на неговите движења.

До третото тримесечје, веројатно сте се запознале со движењата на бебето. Ова е, исто така, време кога најверојатно ќе доживеете почесто икање на матката, кое ќе се намалува како што ќе се приближите до породувањето. Ако се зголемува во текот на три до четири недели пред датумот на породување, известете го вашиот лекар за да бидете сигурни дека тоа не е проблем со папочната врвца.

Како да го запрете икањето на фетусот?

Иако икањето во утробата е нормално, тоа може да ви го одземе вниманието, особено ако сте на работа или се обидувате да спиете. Но, како што е случајот со нашето сопствено икање, не постои сигурен начин да се запре икањето и на бебето во утробата. Можеби промената на положбата, пешачењето и пиењето вода би можеле да доведат до прекин на икањето, бидејќи секој нов стимул го поттикнува бебето да ги промени движењата.

Автор: Тајана Третњак

Извор



912

X