Игротека

„Бебе мое, барем да можам да го забавам времето!“

Ешли Вуд е 25-годишна мајка на мало момче. Таа во својот блог најискрено пишува за мајчинството. За веб-страницата Mother.ly зборува за тоа што на мајките им минува низ глава – колку брзо растат децата

– Додека те гледам како спиеш, усните полека ти се движат како да сонуваш дека пиеш млеко, не можам да си помогнам да не мислам колку брзо растеш. И како што растеш, така сè помалку ти требам. Сè уште си целосно зависен од мене, знам, но полека растеш и секој ден кога ги спуштаме ролетните, поминува уште еден ден и еден ден си поблиску до твојата независност, а јас би сакала тоа да го забавам.

Знам дека можеби ова звучи глупаво бидејќи ова го зборувам додека си покрај мене, сигурен во топлината на моето тело. Нема да одиш никаде набрзо, но знам дека тоа нема да биде така засекогаш, а јас едноставно не можам да си помогнам. Нема да ти требам вака во годините што доаѓаат и тоа веќе ми недостига.

Растеш толку брзо.

Не те дојам толку често, наскоро ќе почнеш да јадеш нормална храна и ќе ти требам уште помалку. Сега веќе и сам се смируваш и не сакаш многу прегратки кога сам се вртиш и се обидуваш да почнеш да се движиш. Те гледам со толкава гордост додека лазеш по подот иако моето срце се крши кога плачеш да те спуштам долу, бидејќи сега јас сум таа што постојано сака да те прегрнува.

Растеш толку брзо.

Се сеќавам на првите четири недели како да беа вчера, а тие често ми се чинат како да биле пред многу години. Како плачев и си го посакував моето тело назад, а ти сè што сакаше беше да те дојам и да лежиш на мене. Сега едвај можам да те натерам да стоиш мирен две минути, а камоли да спиеш на мене. Срцето ме боли, сакам да се вратат тие моменти кога првпат дојде на свет за да можам да уживам во секоја прегратка и да го ценам секое доење.

Растеш толку брзо.

Кога се обидуваш среде ноќ да се искачеш на мене како на стебло, виткајќи се насекаде, ми недостига спокојното смирување на твоето успано тело како во периодот кога само што се роди. Толку си фасциниран со сè околу тебе и мораш да видиш што точно се случува во секој момент, но ми недостига начинот на кој некогаш бев единствената што ја гледаше, кога седевме и се галевме, гушкавме, кога се поврзувавме и се запознававме.

Деновите често можат да бидат долги, а неделите толку кратки. Времето поминува покрај нас. Сакам да го паузирам и да го премотувам делот кога навечер заспиваш и потонуваш во сон.

Знам дека наскоро ќе ми недостига и овој момент, додека почнеш да ползиш и да одиш, скокаш и играш, итајќи кон своите родендени и празници што се пред тебе. Едвај чекам да го видам неверојатниот младич во кој ќе израснеш, кога ќе тргнеш на училиште, ќе се спријателиш, заљубиш, добиеш работа, куќа, автомобил, свои деца.

Солзи ми доаѓаат од самата помисла на првите чекори што наскоро ќе ги направиш, а камоли на сето она што доаѓа потоа. Иако животот е пред тебе, ти веќе ми донесе гордост и имаме доволно време да го продолжиме тоа.

И затоа те молам, те молам, остани уште малку мал, бидејќи пребрзо растеш.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top