Ја контактиравме мајката и ни ја потврди случката, вели дека не може да разбере како вработените се обидуваат да го скријат случајот кога повредите на ќерка ѝ се видливи, а се и медицински документирани

Единаесетмесечно бебе, искасано и со повреда на главата, вчера по престојот во скопска градинка им било предадено на родителите без воопшто да ги информираат како дошло до повредите.
Мајката на Фејсбук објави фотографии од повреденото бебе и напиша низ каква голгота поминале вчера. Настанот се случил во градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Општина Центар.

Ја контактиравме мајката и ни ја потврди случката, вели дека не може да разбере како вработените се обидуваат да го скријат случајот кога повредите на ќерка ѝ се видливи, а се и медицински документирани.

– Ме дочека воспитувачката со ќерка ми в раце велејќи ми дека сѐ поминало во најдобар ред дента, освен тоа што не сакала да спие. Додаде дека на грпчето се нафрлала од нешто, веројатно инсект ја полазил. Веднаш ја погледнав и видов очигледен загриз во пределот на грбот, па ѝ укажав дека несомнено е изгризана од друго дете. Ја прашав дали плачела дента, ми рече „не“. Исто така, ми кажа дека моментално се повеќе групи споени во една, поради летните одмори, и дека малку биле во хаос, па не знае што се случило, ќе ја прашала колешката – напиша мајката на „Фејсбук“.

Ѝ ја снимале главата

Кога мајката стигнала дома и ја соблекала ќерка си, забележала уште еден многу посериозен загриз, закрвавен и модар, со правилен отпечаток од детска вилица. Забележала гребеници во горниот дел од десната нога. Веднаш ја однеле на лекар, каде што матичната докторка констатирала повреди и ги испратила на детска хирургија. Таму докторката забележала удар на главата, видлив хематом.

– Во меѓувреме, од детска хирургија го пријавија случајот во полиција. Веднаш ни дадоа упат за снимање на главчето. Снимањето помина трауматично, и за ќерка ми и за нас, а резултатите, по 2 часа чекање, за среќа беа добри. Можеше и да не бидат. Можеше да биде многу, многу полошо. Нема да зборувам за стресот што го доживеавме и ние и бебето, цел ден по болничките ходници – пишува мајката.

За Деца.мк, мајката изјави дека воопшто не биле информирани дека бебето е споено во група со други деца. Воспитувачката ѝ кажала дека се споени во три групи, за да ја оправда повредата.

Се јавивме во градинката за да прашаме како настанале повредите на детето. Директорката ни изјави дека за случајот дознала од социјалните мрежи и дека родител не се пожалил кај нив. Таа демантираше дека бебињата од јасли се спојуваат со поголеми деца, па останува нејасно кој го искасал бебето.

– Јас сè уште се информирам од вработените за тоа што се случило и ќе ви дадам официјална изјава штом ќе добијам информации – ни рече во телефонскиот разговор.
Но, потоа не се јавуваше на мобилниот телефон.

Мајката ни изјави дека за неа, немало ништо потешко од постирањето такви фотографии од ќерката на „Фејсбук“.

– Меѓутоа, сакавме за случајот да се дознае и некој конечно да преземе одговорност. Јасно е дека се работи за системски проблем на кој треба темелно да се работи. Но, зарем треба да ги оставиме нашите деца да се потепаат – ни рече таа.

Воспитувачките се оградиле од одговорност

Мајката е повредена и од односот на вработените.

– Прашањето е што правеле воспитувачките додека ќерка ми била гризена, не еднаш, туку два пати, додека била гребена и кога паднала со главата (веројатно, според повредата) на под? Демек не плачела? Невозможно е при вакви повреди бебе да не пушти глас – вели таа.
Мајката вчера зборувала и со педагогот.


– Како од пушка ми кажа дека воспитувачките се оградуваат од каква било одговорност, ѝ рекле дека детето било така донесено сабајлето. Како воопшто таа знае за случајот, ако таму ништо не се случило? – прашува мајката.

Нејзиниот пост цел ден се споделува на социјалните мрежи, а предлозите на повеќето граѓани се задолжително да се постават камери во сите занимални во градинките.

Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека е запознаено со случајот за каснатото 11-месечно бебе во скопската градинка „Раде Јовчевски-Корчагин“ и работи на расветлување на случајот. Од Министерството не исклучуваат можност за дисциплинска постапка доколку постојат елементи за таков престап. Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата е веќе на терен.

Од Министерството појаснуваат дека поради намалениот број деца во градинките во летниот период, долгогодишна практика е децата од различни занимални, следствено на возраста, да се згрижуваат во помал број занимални, но тоа, наведуваат, не значи и зголемен број на деца во занималните.

Минатата недела и двегодишно дете од Штип било повредено додека престојувало во градинка. Како што соопшти МВР, случајот во полиција го пријавил таткото на детето. Тој на 5 јули го однел своето двегодишно дете во градинка во Штип и околу 14:30 часот, кога отишол да го земе, забележал дека детето има повреди и веднаш реагирал кај вработените. Потоа заминал со детето во ординација за детски болести во Штип. Полицијата го расчистува и овој случај.

 



912

X