Еден од најновите потези на популарната компанија „Мател“ вклучува подобра претстава на луѓето и светот што децата го гледаат околу себе, па така неодамна ја претстави новата колекција на кукли Барби која им оддава почест на лицата со инвалидитет.
Имено, на полиците во продавниците родителите наскоро ќе можат да најдат кукла Барби во инвалидска количка, како и Барби со протеза. Исто така, најавени се кукли со поинакви, нестандардни фризури, а и со поинаква, односно различна градба на телото.
– Како бренд, имаме можност да го подигнеме нивото на разговорот за физичкиот инвалидитет така што ќе го вклучиме во својата линија на кукли за да можеме уште подобро да го прикажеме повеќедимензионалниот поглед на убавината и модата – се наведува во соопштението на компанијата.