Здравје

Бактериите се поврзани со начинот на кој децата изразуваат страв

Истражување од Државниот универзитет во Мичиген покажува дека микробиомот од стомакот може да содржи клучни информации за набљудување и поддршка на здравиот невролошки развој. Зошто некои бебиња реагираат на перципираната опасност повеќе од другите?

Во истражувањето учествувал и Универзитетот од Северна Каролина и Чапел Хил. Дел од одговорот на прашањето може да се најде на изненадувачко место: во дигестивниот систем на децата. Човечкиот дигестивен систем е дом на голема заедница на микроорганизми познати како стомачен микробиом. Тимот од истражувачи открил дека стомачниот микробиом е различен кај децата со посилни одговори на страв и децата со поблаги реакции. Овие одговори на страв – како некој реагира на страшна ситуација – во раниот живот, може да се индикатори за идното ментално здравје. И има сè повеќе докази кои ја поврзуваат невролошката благосостојба со микробиомот во дигестивниот систем. Новите откритија посочуваат дека стомачниот микробиом еден ден може да им овозможи на истражувачите и лекарите нова алатка за набљудување и поддршка на здравиот развој на невролошкиот систем.

– Овој период на ран развој е одлична можност за промовирање на здравиот невролошки развој – вели водичот на студијата, Ребека Никмејер. „Микробиомот е возбудлива нова цел која може да се искористи за таа цел“. Студиите од оваа поврзаност и нејзината улога во одговорот на стравот кај животните ги поттикнале Никмејер и нејзиниот тим да побараат нешто слично и кај луѓето.

Изучувањето како луѓето, особено малите деца, се справуваат со стравот е важно бидејќи тоа може да помогне во одредувањето на менталното здравје во некои случаи. „Реакциите на страв се нормален дел од развојот на децата. Децата треба да се свесни за заканите во средината и да бидат подготвени да реагираат на нив“, вели Никмејер. „Но, ако не можат да го потиснат тој одговор кога се безбедни, може да имаат поголем ризик од развој на анксиозност и депресија подоцна во животот“.

На другата страна на спектрумот на одговори, децата со изразено потиснати одговори на стравот може да развијат бесчувствителност, особина поврзана со антисоцијално однесување – вели Никмејер. За да се одреди дали микробиомот во дигестивниот систем е поврзан со одговорите на стравот кај луѓето, Никмејер и нејзините соработници креирале пилот-студија со околу 30 бебиња. Истражувачите ја селектирале групата внимателно за да ги задржат повеќето фактори што влијаат врз микробиомот. На пример, сите деца биле доени и ниедно не било на антибиотици. Истражувачите потоа го карактеризирале микробиомот на децата преку анализирање на примероци од нивната столица и ги адресирале одговорите на страв од децата преку користење едноставен тест: гледале како детето реагира кога некој влегува во собата додека носи маска од Ноќ на вештерките. „Навистина сакавме искуството да биде добро и за децата и за родителите. Родителите беа таму цело време и можеа да се вклучат кога и да посакаа. Ова се всушност искуства кои децата ги имаат и во секојдневниот живот“, вели Никмејер.

Кога ги собрале сите податоци, истражувачите виделе значителни врски помеѓу специфични карактеристики на стомачниот микробиом и силата на одговорите кон стравот од страна на децата. На пример, децата со небалансирани микробиоми на возраст од 1 месец, повеќе се плашеле на возраст од 1 година. Небалансираните микробиоми се доминирани од мала група на бактерии, додека кај балансираните микробиоми има рамнотежа. Истражувачите исто така откриле дека содржината на заедницата на микроорганизми на едногодишна возраст е поврзана со одговорите на стравот. Споредено со помалку плашливите деца, децата со изразени одговори имале повеќе типови бактерии во себе. Тимот, сепак, не ја набљудувал поврзаноста помеѓу микробиомот во дигестивниот систем на децата и тоа како тие реагираат на лица што не носат маски. Никмејер вели дека ова е веројатно заради различните делови од мозокот кои се вклучени во процесирање на потенцијално застрашувачки ситуации.

„Со непознати, има социјален елемент. Па децата може да имаат социјална претпазливост, но да не ги гледаат непознатите лица како моментална закана. Кога ќе видат маска, тоа не е социјален елемент за нив. Па реакцијата е во друг дел од мозокот“. Како дел од студијата, тимот користел магнетна резонанса за да изработи и снимки од мозокот на децата. Откриле дека содржината на заедницата на микроорганизми на едногодишна возраст е поврзана и со големината на амигдалата, дел од мозокот поврзан со донесувањето брзи одлуки за потенцијалните закани. Со поврзување на сите точки, се посочува на тоа дека микробиомот може да влијае врз тоа како се развива и како функционира амигдалата. Ова е една од многуте интересни можности откриени со новата студија, а тимот сега работи на зголемување на учесниците. Никмејер се подготвува да започне нови студии со други соработници, па да поставува нови прашања кои треба да се одговорат. „Имаме одлична можност да поддржуваме здрав невролошки развој уште од рана возраст. Нашата долгорочна цел е да научиме што можеме да направиме за да одржуваме здрав раст и развој на децата“, заклучила Никмејер.

Извор

Поврзани написи

To top