Одвикнувањето од пелени е пресвртна точка што со нетрпение ја очекуваат сите родители. Иако некои деца се приспособуваат за неколку дена, имајте на ум дека може да бидат потребни неколку месеци за вашето дете да се навикне. И, секако, бидете подготвени дека ќе треба да се соочите со проблеми.
Проценете дали вашето дете е подготвено да се одвикне од пелените
Секое дете е различно. Родителите обично го започнуваат процесот на одвикнување помеѓу 18 месеци и 3 години. Повеќето деца се на возраст од две до две и пол години кога започнуваат со одвикнувањето.
Немојте да го притискате детето да почне со одвикнување премногу рано поради притисокот од другите родители или од вашето семејство. Проценете дали детето е подготвено и не почнувајте пред тоа.
Разговарајте со вашето дете за тоа што ќе правите.
Првите подготовки
Заедно одете и купете нови гаќички и нокширче. Кажете му каде одите, што купувате и зошто го купувате тоа.
Бидете доследни во вашиот пристап
Почнете полека. Охрабрете го вашето дете да седи на нокширчето еднаш дневно – најдобро би било по појадокот, пред да се бања или кога ќе сака да оди по долга нужда.
Седнете го вашето дете на нокширчето откако ќе има влажна или валкана пелена. Ова ќе му покаже каде треба да оди по нужда и ќе го охрабри да го користи нокширчето и да го прифати како дел од неговата рутина.
Ако не сака да седи на него, тогаш и тоа е во ред. Никогаш немојте да го присилувате да седи. Ако не е заинтересирано, ставете му пелена и оставете го нокширчето настрана неколку недели пред да се обидете повторно. Во оваа фаза само сакате да се навикне на него.
Ако покаже интерес, почнете да му објаснувате дека ова е она што го прават мама и тато и постарото братче/сестриче. Кажете му дека прво се соблекувате пред да седнете и дека тоа го прават возрасните. Ако ја сфати идејата и успее да изврши нужда, тогаш тоа е одлично. Но во никој случај не притискајте го да го направи тоа. Ако настојувате, а вашето дете не покажува интерес, тогаш тоа ќе се вознемири и ќе биде фрустрирано.
Полесно е да го одвикнете детето во текот на летото, кога носи помалку облека. Осигурeте се нокширчето секогаш да биде на погодно место. Дајте им до знаење на сите што ви го чуваат детето дека започнувате со одвикнување од пелени.
Покажете му како се прави
Децата учат преку копирање. Кога гледаат како се користи веце-школката, тие ќе ја разберат целта на тоалетот.
Разговарајте за тоа како да ви кажува дека му се оди по нужда. Покажете му како треба да ги соблече панталоните и гаќичките, да се избрише со тоалетна хартија, да пушти вода и да ги измие рацете. Одреден период ќе му помагате да ги извршува овие активности, особено со бришењето. Но, ако види како го правите тоа и како го водите чекор по чекор, вашето дете ќе се навикне на целиот процес.
Следниот пат кога ќе оди по голема нужда, однесете го до неговото нокширче, седнете го и ставете ја пелената под него во нокширчето. Ова ќе му помогне да го поврзе одењето по долга нужда со нокширчето. Откако ќе го испразните нокширчето во веце-школката, оставете го вашето дете да пушти вода. Потоа охрабрете го да се облече и да си ги измие рацете.
Поттикнете го да го користи нокширчето секогаш кога ќе почувствува потреба. Дајте му да пие повеќе течности и поттикнете го да седнува на секои неколку часа.
Голема е веројатноста дека прво ќе му кажувате дека треба да оди по нужда, а бидете подготвени и на секое да ви вели дека не му се оди. За да не вели не, обидете се со: „Ако одиш да се измочкаш, потоа ќе можеме да одиме надвор и да си играме“. Кажете му дека може да го користи нокширчето кога сака и повремено потсетувајте го дека е таму ако му е потребно.
Некои деца нема да седат на нокширчето доволно долго за да се релаксираат и да извршат нужда. Смирено охрабрете го да седи барем една минута. Останете со него и разговарајте смирено или читајте му приказна.
Кога вашето дете успешно ќе изврши нужда во нокширчето, пофалете го. Дури и ако продолжи да греши, ќе почне да сфаќа дека извршувањето нужда во нокширчето е големо остварување.
Правилно справете се со незгодите
Вашето дете ќе се соочи со неколку незгоди пред целосно да се одвикне од пелените, и дење и ноќе. Тој процес може да биде фрустрирачки, но не лутете се и не казнувајте го. Одвикнувањето е процес што ќе потрае. Незгодите се дел од учењето. Но, ако има многу незгоди и мал напредок, вратете се на пелените и одложете го одвикнувањето. Можеби вашето дете не е подготвено.
Одвикнување од пелени навечер
Дури и ако детето успеало да се одвикне од вршење нужда во пелените, ќе му бидат потребни неколку месеци или години за да остане суво навечер. Неговото тело е премногу незрело за да го будите среде ноќ за да оди да мочка.
Повеќето родители почнуваат со одвикнување навечер кога нивното дете е помеѓу три и четири години и кога се буди со сува пелена секое утро.
За да не мочка во текот на вечерта, не давајте му да пие премногу течности пред спиење, но сепак потрудете се да пие во текот на денот. Кажете му дека ако се разбуди навечер, слободно може да ве повика да му помогнете да седне на нокширчето.
Верувале или не, кога вашето дете ќе биде подготвено да ја научи оваа нова вештина, ќе ја научи. А ако почекате до моментот кога ќе биде подготвено, тогаш процесот не би требало да е многу болен ни за него ни за вас.