Познато е дека некои родителски стилови не се најповолни за децата, но новите истражувања откриваат зошто токму авторитарниот пристап е особено проблематичен. Овој стил, кој бара строго почитување на правилата и хиерархија, може да го попречи развојот на една клучна когнитивна способност кај децата – теоријата на умот.
Теоријата на умот претставува способност да се разберат мислите, чувствата и намерите на другите, а се развива преку интеракции со блиските. Истражување објавено во „Интернешнл журнал оф бихејвиорал дивелопмент“ покажува дека авторитарното воспитување го намалува користењето на зборови поврзани со мисли и емоции, што ја попречува оваа вештина.

Во истражувањето учествувале 79 мајки и нивните деца на возраст од 2 до 6 години. Мајките опишувале слики со деца, а истражувачите анализирале колку често користеле зборови како „мисли“, „чувствува“, „сака“. Оние мајки што покажале повисока склоност кон авторитарност и социјална доминација поретко користеле вакви зборови, особено кога опишувале деца од различна етничка група.
Резултатите покажуваат дека децата на овие мајки постигнале послаби резултати на задачи за процена на теоријата на умот. Тоа укажува дека родителските ставови и начинот на комуникација имаат силно влијание врз социјалниот развој на детето.