Австриските власти планираат да ги скратат училишните распусти за учениците што не го владеат германскиот јазик, одлучи австрискиот парламент.
Новиот закон предвидува учениците што имаат тешкотии во совладувањето на германскиот јазик, две недели пред завршувањето на летниот распуст, кој во Австрија трае девет недели, да посетуваат интензивна настава по германски јазик.

– Германскиот јазик е клучен за напредокот во образованието и суштински за успешен живот во Австрија – изјави министерот за образование Кристоф Видеркер на парламентарната расправа.
Законот предвидува и парични казни за родителите што нема да ја исполнат оваа обврска.
Според податоците на австриското министерство за образование, во моментов околу 48.000 ученици помлади од 15 години во земјата не го владеат германскиот јазик доволно добро за непречено да следат настава.
Само во Виена бројот на ученици што имаат сериозни тешкотии со германскиот јазик се проценува на околу една петтина, при што најголем дел од нив се сириски бегалци.