Ново истражување укажува на намалувањето на очниот контакт кој е истакнат како симптом за иницијална дијагностика на аутизмот, следен кај новороденчиња

Што е тоа рана дијагностика? Кога најрано може да се дијагностицира аутизмот? Која од карактеристиките на аутизмот може да се препознае најрано? На овие прашања одговор даде професорот Ејми Клин од САД на 12. Интернационален конгрес на аутизам во Европа, кој се одржа во Ница.Тој даде надеж за иднината на раната неинвазивна дијагностика на аутизмот.

Според истражувањето во кое тој учествува, намалувањето на очниот контакт кој е истакнат како симптом за иницијална дијагностика на аутизмот е лонгитудинално следен кај новороденчиња. Забележано е дека оние што подоцна се дијагностицирани со аутизам покажувале намалување на фиксацијата на очите во првите 2 до 6 месеци од животот. Тоа не е забележано кај новороденчињата што подоцна не развиле аутизам. Ваквото намалување на фиксација на очите, а не целосно отсуство, ветува можност за рана интервенција која може да се заснова на зачувување на механизмите за почетна рефлексивна ориентација кон очите.

Секојдневно во полето на аутизмот има нови случувања, нови откритија, нови методи на работа, се докажуваат или отфрлуваат теории бидејќи сè уште не е позната една конкретна причина за настанувањето на оваа состојба, која е сè почеста денес и е предизвик за професионалците и родителите. Токму затоа е добро да ги споделуваме новите истражувања и информации, настаните во светот, па сите, и професионалците и родителите, да научиме нешто ново.

Конгресот на кој се презентираат врвни истражувања за оваа проблематика во организација на „Аутизам Европа“ е голем настан кој се одржува на секои 3 години. Секој што истражува на полето на лицата со аутизам, услуги, сервиси и инклузија е должен да посети ваков настан и да види каде се наоѓаме како држава и во која насока треба да се движиме. Мотото на Конгресот оваа година беше „Нова динамика за промена и инклузија“. Се разменуваа мислења, се склучуваа нови соработки и пријателства помеѓу 2.200 лица со аутизам, научници, наставници, професионалци, доктори, бизнисмени и професори од 80 држави во светот. Во книгата на апстракти беа запишани околу 700 труда засновани на истражувања и искуства. Помеѓу нив, како дел од три постер-презентации, беа претставници од Здружението за унапредување на квалитет на животот на лицата со АСН – „Сина светулка“ од Скопје (Проектите ESIPP, ASD-EAST и Отворени музеи).

Беше интересно да се слушнат предавања за тоа што значи да се има аутизам и да се биде во периодот на старост (Hilde Geurts) или, пак, да слушнете лице со аутизам кое вели: „Самоопределувањето и зајакнувањето се легитимни и основни права што им припаѓаат на сите. Нашите општества и политичките сили исто така имаат должност да ги менуваат ставовите, но исто така и да обезбедат пристап за сите до квалитативни и квантитативни нешта“.

Големо внимание на настанот предизвика и предавањето на професорот Сајмон Барон Коен од Кембриџ, кој ги запозна присутните со најновите резултати од студијата за влијанието на пренаталните полови хормони во матката врз појавата на аутизмот кај децата.

Конгресот го затвори Хералн Нерленд со зборовите: „Треба да се научиме да ги слушаме гласовите на аутистичните луѓе. Треба да ги преведеме истражувањата во реални практични промени за да одговориме на потребите на луѓето со аутизам во заедницата. Како влијае знаењето во нивните животи. Да го послушаме!“
Токму поради ова, во периодов што следува Здружението „Сина светулка“ и ПОУ „Д-р Златан Сремец“ како дел од проектот ASD-EAST ќе организираат едукации и тоа на 8 и 9 октомври за специјални едукатори од посебните училишта и паралелки и 15 и 16 октомври за специјалните едукатори од редовните училишта во салата на Општина Кисела Вода. Обуките имаат цел да ги подобрат професионалните способности на овие професионалци, кои секојдневно работат со учениците со аутизам во основните училишта. Овие настани ќе бидат можност да се слушнат сите нови информации и да се споделат корисни совети и искуства.



912

X