Игротека

Аудиција за првиот детски мјузикл. Може да се пријават деца од 9 до 13 години

Вкупно 18 момчиња и девојчиња ќе бидат избрани на аудициите што Театарот за деца и младинци од Скопје ќе ги организира за да го создаде првиот детски мјузикл во историјата на македонскиот театар. Аудициите ќе се одржат на 21, 22 и 23 септември во просториите на Детскиот креативен центар „Карпош“ во Скопје.

Иницијатор на проектот е режисерката Виолета Џолева, која со години сонувала да направи детски мјузикл. Врвна авторска екипа е собрана во проектот „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова. Музиката е дело на маестро Александар Џамбазов, кој ја создал пред пет и пол децении, а во осовременувањето на звукот ќе помогнат композиторите Дамир Имери и Александар Митевски.

 

Александар Џамбазов

Во време кога на големо зборуваме за идентитетот и неговото зачувување, особено е важно да не ги заборавиме авторите што оставиле длабок печат во нашата култура, нагласи Џолева. Токму таа ги пеела оригинално песните, дело на Џамбазов, за кои сите се согласија дека се безвременски и дека се направени многу попрофесионално од денешните песни.

– Посакав да имаме и ние мјузикл, таков каков што гледам на Бродвеј со моите внуци. Имаме деца таленти, само треба да ги анимираме, да им дадеме шанса. Со нив ќе работи Софија Гогова-Врчаковска, која е единствената што посветено работи со децении со деца во Детското драмско студио на МРТВ. Главните улоги во мјузиклот ќе бидат на момчиња, но ќе ни требаат и девојчиња. Тие ќе работат на сцена заедно со актерите од ТДМ. Затоа што мјузикл треба да се работи на голема сцена, преговараме со некој од театрите да играме на нивна сцена – рече Џолева.

Маестро Џамбазов се осврна на жалната состојба со детското музичко творештво. Тој даде осврт и на изумирањето на хорското пеење во Македонија, кое некогаш било врвно, а денес едвај на рака се бројат овие состави во цела земја.

Гоговска-Врчакова посочи дека во време кога секоја активност и за секој талент на децата треба да се плати, на децата им се нуди можност да го покажат својот талент.
За Џолева, Џамбазов изјави дека била најмузикалното дете што некогаш го запознал. Таа учествуваше во првата детска серија „Зоки Поки“.
Мјузиклот ќе има премиера на почетокот од декември.

С.Ѓ.

Поврзани написи

To top