Втора година со ред 14-годишниот битолчанец Антонио Дамјановски, македонскиот мотокрос-шампион од класата МХ 85, не доби ваучер за активен спортист што го доделува државата преку Агенцијата за млади и спорт. Поддршката од 100.000 денари што требаше да ја добие во вид на ваучер се загуби низ административните лавиринти

Неговото семејство обвинува дека од Мотоциклистичката федерација на Македонија не добиле известување за повикот за доделување ваучери, ниту им ги испратиле обрасците што требало да ги пополнат. И лани и годинава Антонио бил испуштен од листата и покрај големите успеси. Без ваучер од 100.000 денари остана и клубот за кој тој возеше лани.

– Антонио им е најмлад и многу надежен мотокросист, а остана заборавен. Се обративме до Федерацијата со прашање зошто не добивме ваучер, а оттаму велат дека не сме поднеле документи, а всушност тие нѐ известија. Ние немаме добиено и официјален резултат од Федерацијата за да покажеме дека сме шампиони за 2020 година. Тврдам дека не сме добиле никакво известување од Федерацијата. Ни по телефон ни на е-пошта. А кога плаќаме членарина за Федерацијата, пополнуваме формулар со кој доставуваме број на телефон и е-адреса. Контактирав со лица што добија ваучери и ми беше кажано дека за нив Федерацијата поднела апликации – вели таткото Петар Дамјановски.

Семејството на младиот мотокросист веќе достави приговор до Агенцијата за млади и спорт и го препрати и од Мотоциклистичката федерација на Македонија.
Од Федерацијата, пак, велат дека им пратиле е-пошта на 5 јануари за да ги пополнат обрасците и да им ги достават до 16 јануари, но одговор не добиле.

– Има три обрасци. За два од нив обврска е на спортистите и на клубовите да ги пополнат и да ги достават до соодветната федерација, каде што стручна комисија ги проверува постигнатите резултати, го пополнува третиот образец и ги доставува до Агенцијата за млади и спорт. Но, ние не можеме да пополнуваме за спортистите и за клубовите, таму се бараат податоци кои ние ги немаме и се бара печат од клубовите – велат од Федерацијата.


Од клубот „Хамачи Екстрим“, за кој лани возеше Дамјановски, објаснуваат дека се запознаени со ситуација. Покрај Антонио, ваучер не добил уште еден нивен возач, Михаил Бајовски, шампион во дисциплината ендуро, кој му бил и тренер на Антонио. А оштетен е и клубот зашто и тој не е на листата со субјекти што добиле ваучери.

– Оваа неправда е двојно поголема за нас. Лани бевме заборавени од Федерацијата со изговорот дека направиле грешка, не успеале да нѐ вметнат во групната е-пошта. Се договоривме оваа година да нѐ известат навреме. Меѓутоа, сега не успеале да нѐ контактираат, а успеаја да ги контактираат телефонски сите нивни блиски клубови и возачи. Да, добивме е-пошта, но не од нивната официјална е-адреса. Секој што е во овој спорт знае дека со нашата федерација не контактираме преку е-пошта, туку телефонски – велат од клубот „Хамачи Екстрим“.

Додаваат дека Федерацијата сè уште нема официјални резултати од изминатава сезона според кои тие би ги поднеле барањата.

Од Агенцијата за млади и спорт, на 15 јануари годинава, на нивната интернет-страница објавиле соопштение до сите национални спортски федерации, клубови и спортисти дека во тек е постапка за доставување обрасци за користење средства од даночно ослободување. Во него пишува дека обрасците за користење средства од даночно ослободување, спортските клубови и индивидуалните спортисти треба да ги добијат од матичната национална спортска федерација. Имаат обврска да ги пополнат и да ги достават до Федерацијата, која понатаму заедно со предлог-листа на спортски клубови и спортисти рангирани според бодовите, најдоцна до 20 јануари, треба да ги достави до Агенцијата.

Антонио Дамјановски веќе три години професионално се занимава со возење мотокрос и две години по ред е македонски шампион во неговата класа. Покрај домашните успеси, се натпреварува и на европски трки. На натпревар во Чачак, Србија, освоил 4. место, во Грција 6. место, на Европско првенство во Глобаре – 7. место и други пласмани. Се раскажува дека во трките може да ги победи и поискусните и повозрасни мотокросисти од него.

Фото: Приватна архива



912

X