Можеби е мала да го разбере својот подвиг и чинот на донирање, и колку тоа им значи на дечињата што се лекуваат со хемотерапија, но е одличен пример и поттик за создавање здраво и совесно општество од рана возраст, вели нејзината мајка

Антонија има три години. Ја расте, чува и негува својата коса од раѓање. И сега реши да ја донира за изработка на перика за деца што немаат коса и се лекуваат од рак. Таа е една од децата херои што од мали нозе прават големи промени и разлики.
Можеби е мала да го разбере својот подвиг и чинот на донирање, и колку тоа им значи на дечињата што се лекуваат со хемотерапија, но е одличен пример и поттик за создавање здраво и совесно општество од рана возраст.
Нејзината мајка Елена Анастасова ѝ го споменала предлогот за донирање на косата од две и полгодишна возраст, а Антонија со восхит, нетрпение и радост го прифатила.
На овој начин Елена сака да ги охрабри родителите помасовно да се вклучат и да донираат коса.

Да израснеме хумани луѓе

– Сакам да охрабрам што е можно повеќе родители да учествуваат во донирање коса. Нормално, оние што имаат можност. Мене и двете деца ми се родија со коса, но кај помалата, Сара, не верувам дека до 3 години ќе има косичка за донирање, затоа велам кој има можност, не може секој. Можеби ова не е којзнае каков потег, но на тој начин ги насочуваме децата да размислуваат на поинаков начин. Ги наведуваме од мали нозе да пораснат во хумани луѓе, луѓе кои ќе помагаат. Живееме во суров свет, па доколку сите родители се потрудиме да ги насочиме децата да бидат добри луѓе, а со тоа и хумани, бидејќи за мене добрите луѓе се хумани, светот би бил подобар за сите нас – вели Елена.
Таа вели дека е израсната во духот да помага.

– Следејќи ги на „Фејсбук“ дечињата од хематологија што со ѕвонче го најавуваат своето оздравување, со солзи радосници во очите, ми дојде идеја дека можеме некако да им помогнеме, барем малку да го олесниме патот по кој одат, да бидеме надворешни соучесници во нивната борба. Антонија, фала му на Бога, има голема, цврста, здрава, густа коса која сметав дека треба да ја скратиме и да ја обновиме, па така се роди приказната за донирање. Секое дете е херој за својот родител и без ништо да направи, но ајде да им објасниме дека можат да бидат херои за некое друго детенце. Дека можат да вратат нечија насмевка, дека нивната косичка може да краси некое друго мило лице. Значи, со објаснување и со многу разговор да ги насочиме кон исправен начин на размислување и живот – потенцира Елена.

Антонија се радува што ќе усреќи некое дете

Со Антонија почнала да разговара на таа тема уште на нејзини 2,5 години.

– Тогаш ѝ кажав дека ќе ја скратиме косата за да ја донираме за некое болно детенце без коса. Дека ќе одиме на фризер, ќе ѝ ја сплетат косата во плетенка и ќе ја потстрижат, а плетенката ќе ја дадеме. Најпрво ме слушаше, внимателно обидувајќи се да ме разбере што ѝ кажувам. Ме праша: „На болно детенце во болница, кај докторите што е?“ Ѝ одговорив потврдно и ѝ објаснив дека не секое дете има среќа да е здраво и да има убава коса и затоа ние треба да помогнеме и да израдуваме некое дете. Веднаш ми рече: „Да, добро мамо ќе ја дадам плетенката за детенце без коса“. Се договоривме по нејзиниот 3. роденден да одиме на фризер – споделува Анастасова.
Оттогаш Антонија со нетрпение го чекала денот кога ќе се потстриже.

– Со нетрпение го очекуваше денот кога ќе се потстриже и постојано ме прашуваше кога ќе одиме, дали сум закажала. Бидејќи сè ѝ е непознато и ново, сега го запознава светот и сè во него, јас постепено ѝ го објаснувам секој процес. Антонија е активно, радосно, љубопитно, живо дете кое за сè се интересира и за неа беше доживување да оди на фризер. Бидејќи ѝ беше прво потстрижување, се потрудив да најдам фризер за деца и сето тоа за неа да биде посебно доживување. Ја седнаа на столче-детска количка и беше навистина фасцинирана, да не речам фрапирана, со поглед го пиеше секој мал детаљ и сè што се случува околу неа. Забележала многу работи кои подоцна ми ги раскажуваше. Навистина е зачудувачки фактот колку децата можат да примат и да запаметат работи. Колку повеќе разговараме со нив, толку повеќе ги осознаваме. Интересно беше што сите во фризерскиот салон очекуваа да плаче и сите очи беа вперени кон неа, да видат каква реакција ќе има. Но Антонија беше подготвена и имаше една голема насмевка на лицето. Така доби и сертификат за прво потстрижување – раскажува Елена.

Периките се донираат за децата на хемато-онколошкото одделение

Пред да одлучи Анастасова да ја донира косата на Антонија, направила истражување каде може да се направи тоа, дали навистина косата ќе заврши во вистински раце…

– Пред да дојдеме до сознание за организацијата САНО, ние си ја чувавме косата дома. Јас се распрашував каде може да се донира и сè што добив како податок е дека мајките ги праќаат „плетенките“ на некоја адреса во Холандија, во некоја фабрика за изработка на перики и толку. Дел од нив добиле повратен одговор, но добар дел воопшто немаат никаков доказ дека косата е стигната на вистинското место. Мене лично таа приказна не ми се допадна и решив дека додека не најдеме вистинско место за донација, ќе си ја чуваме, некако бев сигурна дека кога-тогаш ќе најдеме вистинско место за донација. За кратко време на „Фејсбук“ го пронајдов здружението САНО, ми излезе објава од нив од веќе донирана коса и веднаш им пишав. Бев пријатно изненадена кога ми кажаа дека донираната коса оди за деца од нашата детска клиника. Тоа беше тоа што го барав. Се договоривме и заедно со Антонија им ја однесовме косата. Кога се сретнав со нив, ми објаснија дека косата ја праќаат во Белград и дека некоја жена таму ги изработува периките, па ги враќа назад, бидејќи тука нема никој што би го работел тоа. Односно, постоел некој човек што работел во театар и правел перики, но не се нафатил да прави сега. Толку бев радосна кога слушнав дека е за наши дечиња, што не можам да ви опишам колку ми значи тоа. Не дека не би се радувала за секое дете на целиов свет да добие насмевка и сè што посакува, но ова беше посебно изненадување – споделува Елена.
На страницата на САНО има и список со фризерски салони каде што доколку косата се донира, потстрижувањето е бесплатно, потенцира таа.

Донирај коса и стани нечиј херој!

Здружението на граѓани САНО ги поддржува децата и нивните семејства. Мисија на Здружението е создавање оптимални услови за личен развој, здравствена, образовна и социјална грижа.

– Нашата организација функционира на волонтерска основа. Условите за донација на коса се косата да достигнува минимум 20 сантиметри, да е природна, односно да не е претходно фарбана. Секој што има желба и сака да ја донира својата коса, може да нè контактира на броевите што се оставени на нашите социјални медиуми, на фејсбук и инстаграм-профилот sano.ngo. Ние не сме изненадени што има над 200 луѓе пријавени за донација, а досега се стигнати 70 коси и ги очекуваме и другите да пристигнат во наредните неколку недели. Отсекогаш сме имале голем интерес за нашите проекти, па ни овој не е исклучок. Голем број од пријавените ја донирале својата коса претходно во Холандија, додека пак други се спремале да ја пратат, но за среќа слушнале за нашиот проект. Интересно е што голем број сега првпат одлучуваат да ја скратат својата коса и да ја донираат за да им помогнат на децата на хемато-онколошкото одделение, особено мали дечиња од 5 до 12 години. Полека се развива јавната свест и сè повеќе луѓе се спремни да ја покажат својата хуманост на дело – споделува Марија Тасев.

300-500 грама коса за една перика

Како што информира таа, сѐ уште се во процес на собирање коса и предвидено е да се изработат 5 перики на годишно ниво.

– За една перика, потребни се од 300 до 500 грама коса која е слична по боја и самата изработка трае од 3 недели до 1 месец. Кога ќе ја добиеме првата изработена перика, веднаш ќе објавиме на нашите социјални медиуми. Периките се наменети за децата што се лекуваат на хемато-онколошкото одделение при Детската клиника во Скопје. Овој проект е прв од ваков тип и периките ќе се даваат на употреба бесплатно. Постојано имаме донации и заинтересирани донатори на коса. Имавме донација од едно мало девојче кое ја скратило целата коса, самото, по своја желба, само за да ја донира за нашите дечиња. Двете плетенки достигнуваа до 40 сантиметри. Мајката се јави да праша дали пристигнала косата бидејќи девојчето секој ден прашувало дали стигнале плетенките до другарчињата во болница. Била пресреќна што можела да помогне и со нетрпение чека нејзината коса да донесе многу насмевки – споделува Тасев.



912

X