Македонката Билјана Мојсоска, родена во Струга, е еден од научниците чие поле на интерес се антибиотиците. Моментално живее и работи во Данска
Растечен нос, кашлица, температура… Ова е доволно да проработи паниката и кај најсовесниот родител, па на своја рака да посегне по антибиотиците. Иако и пиле на гранка веќе знае дека антибиотик не лекува вируси и настинки, туку само бактерии, и не секој антибиотик е соодветен за секоја бактерија.
Но, токму ваквите одлуки, кога непотребно се применува антибиотска терапија, ја зголемуваат резистентноста на одредени бактерии, проблем за кој бараат решение сите светски научници.
Антибиотици – жртви на сопствениот успех
Македонката Билјана Мојсоска, родена во Струга, е еден од научниците чие поле на интерес се токму антибиотиците. Моментално живее и работи во Данска, каде што завршила додипломски, магистрирала, докторирала, а постдокторските ги поминала во главната болница во Копенхаген, при одделот за клиничка микробиологија. Сега почнала да работи како главен истражувач во академска стартап-компанија во Копенхaген.
– Потенцијалот за откривање нови антибиотици расте, како и менталитетот за посвесно користење на оние што веќе ги имаме на пазарот. Исто така, покрај откривањето нов вид антибиотик, науката е насочена и кон откривање алтернативни стратегии за неутрализација на бактериските инфекции – вели Мојсоска.
Таа потенцира дека антибиотиците се исцрпливи ресурси. Неопходни се при третманите на инфективни заболувања, но го зголемуваат инцидентот на отпорност на антибиотици од страна на бактериите или придонесуваат за таканаречената антибиотска резистенција.
– Антибиотиците се поинакви од другите лекови, меѓу кои се и блокбастер-лековите, и имаат пократок период на администрација за да се расчисти инфекција. Притоа антибиотиците се „жртви на сопствениот успех“ и затоа се бескорисни за приватните компании. Пред речиси 3-4 години фондовите и другите инвестирачки институции слабо ги финансираа проектите што беа насочени кон откривање нови видови антибиотици, но лани над 15 милиони евра им беа доделени на три групи во Данска што работат на оваа проблематика – посочува таа.
Кога е опасен антибиотикот?
За проблемот со стравот кај родителите од примањето антибиотици, Мојсоска вели дека според центарот за контрола и превенција на болести (CDC), околу 30 % од антибиотиците во САД се препишани без потреба. Според неа, како резултат на неодговорната употреба на антибиотиците се крева паника во едно општество и се губи довербата во овој вид лекови, кој уште од самото откривање во раните 30-ти години е едно од најголемите откритија во медицината.
Антибиотикот е опасен кога:
– Е даден без утврдување дали симптомите на пациентот се предизвикани од вирусни или бактериски инфекции.
– Антибиотикот е даден пред да се утврди дали пациентот е алергичен на одреден вид антибиотици.
– Антибиотикот е даден пред претходно да се направи антибиограм од микробиолог, па според тоа да се утврди најдобриот кандидат за специфичната инфекција.
– Антибиотикот не се зема во препишаниот термин, и на тој начин се овозможува формирање на резистентни и перзистентни бактерии кои би можеле повторно да предизвикаат инфекција во краток временски период.
– Ако антибиотикот се земе на своја рака како резултат на заостанати капсули од претходна инфекција.
– Кога секој би ги практикувал горенаведените состојби, тогаш примената на антибиотикот би била во соодветните рамки и можните несакани дејства би се елиминирале – вели Мојсоска.
Кои се најкритични бактерии
Ја прашуваме до каде е проблемот со резистентноста на бактериите на одредени антибиотици на светско ниво? Таа вели дека само во САД секоја година најмалку 2 милиона луѓе заболуваат од тешки антибиотик-отпорни бактериски инфекции и како резултат на тоа, 23 илјади луѓе умираат.
– Во Европа ситуацијата е слична и стапката на смртност е 25.000 случаи годишно. Според најновите податоци објавени од Светската здравствена организација (WHO), ова се најкритични бактерии: Escherichia coli, Klebsiella pneumonia, Staphylococcus aureus and Streptococcus pneumoniae, како и Salmonella. Резистентност на антибиотици сѐ уште има, а за некои инфекции бројот на резистентни бактерии е во пораст. Паралелно, растат технолошките средства за подобра дијагностика и се нуди можност да се подобри третманот при бактериски инфекции – вели таа.
Кога да се дава пробиотик?
Во последно време се појави еден тренд кај македонските лекари – заедно со антибиотик да даваат и пробиотик. Наши познати лекари дури препорачуваат децата постојано да пијат пробиотик. Мојсоска вели дека употребата на пробиотиците сѐ уште е високо дебатирана тема во науката бидејќи има зголемена консумација кај популацијата, а нема доволно резултати од контролирани студии за да се укаже на специфичната улога на пробиотиците врз човековото здравје.
– Сепак, студии од разни области на науката укажуваат на корелацијата помеѓу намалена или оштетена микробиота и некои заболувања како астма, инфламација на црева, егземи итн. и токму кај овие болести употребата на пробиотици би имала поголемо значење. Исто така, добро е да се запамети дека листата со бактерии што се користат како пробиотици е голема и нивната улога е специфична – објаснува Мојсоска.
Во глобала – вели таа – пробиотичните суплементи имаат позитивно влијание врз неколку здравствени исходи.
– Кај возрасните, пробиотиците имаат улога при подобрување на имунолошкиот систем, како и кај гастроинтестиналниот и репродуктивниот здравствен систем. Најновите студии покажуваат дека постојаното земање пробиотици покажува позитивни резултати кај возрасни лица со оштетена микробиота, а каков е ефектот од долготрајната примена на пробиотици кај здрави луѓе, сѐ уште е тема во изработка.
Кај децата, пак, приказната е малку поинаква. Мојсоска вели дека колонизација на цревен микробиом кај новороденчиња е критичен период каде што со самото обликување на микробиотата на еден начин и се дефинира имунолошкиот систем.
– Затоа самата консумација на пробиотици во овој период би можела да биде како една превентивна стратегија да не дојде до некои несакани негативни патолошки заболувања на имунолошкиот систем. Сепак, како што и претходно споменав, доказите што ги поддржуваат здравствените тврдења за пробиотички производи се разликуваат многу и резултатите од опсервациските студии и рандомизирани контролирани испитувања кај доенчиња се спротивставени – вели таа.
Пеницилините – најупотребувани антибиотици во Европа
На страниците на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC, ECDC) и Светската здравствена организација (WHO) можат да се најдат целосни извештаи за употребата на антибиотиците и за инцидентот на антибиотска резистенција во повеќе држави. Во последниот извештај за 2017 година антибиотици од видот пеницилин се најупотребувани во Европа, со 33% во Германија до 67% во Словенија.
– За жал, Македонија на овие мапи се наоѓа во групата на држави што не се вклучени во истражувањата. Повеќето од светските здравствени организации исто така спроведуваат и разни кампањи со цел да се прошири порака за коректната употреба на антибиотиците со цел да се намали непотребната консумација – вели Мојсоска, која присуствувала на последниот состанок организиран од страна на Европското здружение за клиничка микробиологија и инфективни болести (ESCMID) каде што се дискутирало на оваа проблематика – објаснува нашата соговорничка.
Статистички за да се стигне до нов антибиотик на пазарот, потребни се неколку години успешна работа, вели Мојсоска.
Таа ни сподели една илустрација за долгиот пат на откривање и примена на антибиотик преземена од нејзината презентација кога го бранела докторатот.
912