Анксиозното растројство е една од најчестите причини за посета на ординацијата кај психијатарот за деца и млади. Анксиозното растројство е растројство со кое се соочуваат сѐ поголем број деца и млади. Нормално е децата и младите да се чувствуваат загрижени или анксиозни одвреме-навреме, при тргнување во детска градинка или училиште, како и при промена на средината на живеење. Но доколку загриженоста и анксиозноста влијаат врз нивното однесување и размислување секојдневно, со засегнување на постигнувањето во училиштето, семејните односи и социјалното живеење, потребата за посета на стручно лице – психијатар е неопходна.

Која е причината за анксиозност кај децата и младите?
● Некои деца се раѓаат поанксиозни од другите и со помал капацитет да се справуваат со стресот отколку другите.
● Некои деца ја имитираат и ја инкорпорираат анксиозноста живеејќи со возрасни кои имаат анксиозно растројство.

Но најголем дел од децата се соочуваат со анксиозноста по стресни настани, како на пример:
● често преселување и менување на училишна средина;
● семејното насилство (физичко и психичко) меѓу родителите;
● смрт на близок роднина или другарче, што е зачестено во последниот период поради пандемијата на ковид-19;
● соочување со сериозна болест или повредување по некоја несреќа, на пр., сообраќајна незгода, каснување од куче, елементарна непогода како пожар, поплава, земјотрес..
● Училиштен неуспех;
● Булинг од врсниците кој станува сѐ почест и во детските градинки и во основните училишта;
● Злоупотреба или занемарување на детето кое остава сериозни последици врз психичкото здравје доколку не се препознае, не се прекине и не се третира соодветно.

Д-р Љубинка Дамјановиќ

Кои се симптомите на анксиозност кај децата и адолесцентите?
● Тешкотии со концентрација,
● Тешкотии со спиењето, ноќни кошмари, месечарење;
● Проблеми со исхраната;
● Брзо се налутува и беснее без причина;
● Постојано е загрижен, има негативни чувства и мисли;
● Се чувствува напнато и има потреба од играње со спинери, зачестено го користи тоалетот;
● Постојано плаче;
● Се чувствува болно, се жали на болки во стомакот и главоболки.
Сепарационата анксиозност е почеста кај помалите деца, додека поголемите деца и адолесцентите се соочуваат со загриженост за училишниот успех и се соочуваат со социјална анксиозност.

Како да им помогнеме на децата што се соочуваат со анксиозноста?

За децата што се соочуваат со анксиозноста има многу работи што можеме да ги направиме како родители за да им помогнеме:
● Најзначајно е да разговараме за нивните грижи и стравови;
● Да ги прочитаме препораките за помош на анксиозно дете, како и препораките за самопомош за родители со анксиозно дете;
Ако ова не помогне, топло препорачувам да се обратат кон стручно лице педијатар, психијатар кој работи со деца и млади, за да побараат поддршка и совет доколку:

– нема подобрување, состојбата се влошува

– самопомошта е безуспешна

– ако анксиозноста се одразува врз успехот во училиштето, семејното живеење или другарувањето

Каде да се побара стручна помош за третман на анксиозноста кај децата?

Стручната помош најпрво ја бараме кај педијатарот или семејниот лекар, кој по направената процена го препраќа детето кај психијатар за деца. Кај нас во државата тоа се Завод за ментално здравје за деца и млади „Младост“ при ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, Клиниката за психијатрија со Одделот за деца и адолесценти во Скопје, како и Заводот за ментално здравје за деца и млади при Клиничката болница и млади во Битола.
Психијатарот во Заводот го насочува фокусот кон потребите на детето, па заедно со целиот тим од стручни лица (клинички психолог, педагог, логопед, дефектолог и социјален работник) се прави план и стратегија за третманот.

Третман на анксиозно растројство кај децата:

Третманот зависи од возраста на детето и од причината на анксиозноста:
● Советување – овозможува да се разбере што е тоа што ја предизвикува анксиозноста кај детето, како и како најлесно да се справи со неа.
● Суплементи и медикаменти
Најчесто се препишуваат суплементи со кои на природен начин се намалува анксиозноста. На нашиот пазар има палета од суплементи во вид на сирупи или таблети, растворливи во вода, сок или други пијалаци, со пријатен вкус и мирис. Тие брзо дејствуваат, нежно се и безбедни за здравјето на детето, па за кратко време се враќаат спокојот, мирот, насмевката, радоста кај детето.
Доколку има сериозно анксиозно растројство од типот на акутна стресна реакција и посттрауматско стресно растројство, потребно е да се назначат и медикаменти кои се препишуваат од страна на психијатар кој работи со деца. Давањето медикаменти треба да биде под мониторинг на психијатарот, во дози соодветни на длабочината на клиничката слика и во временски период кој обезбедува сигурна борба со анксиозноста и менталната болка кај детето.
● Децата со АДХД и аутистичен спектар на растројства почесто се соочуваат со анксиозноста во нивното секојдневие.

Автор: д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијатар
ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, Завод за ментално здравје Младост, Скопје



912

X