Детството во 80-тите и 90-тите години воопшто не било како денешново детство. Го знаеме ова и на некој начин сме се помириле со тоа – барем повеќето од нас, додека некои сè уште наоѓаат причини и ситуации да ги критикуваат современите родители за модерното воспитување.
Така, една од најчестите критики на денешните родители е дека премногу ги заштитуваат своите деца. Иако разликите се премногу големи и ништо не е исто за да можеме толку лесно да споредуваме, се чини дека современите родители сè уште претеруваат кога станува збор за заштитата на своите деца од разни работи. Не станува збор за заштита на интернет, или за деца од предучилишна возраст кои не си играат сами во паркот. Но факт е дека се претерува во многу работи.
Анкета спроведена од „Д Харис Пул“ открива колку се претерано заштитени и зависни децата денес. Иако ова го знаеме теоретски, овие бројки се толку шокантни што родителите треба да се запрашаат каков ќе биде светот кога оваа генерација ќе порасне и ќе го напушти гнездото.
Еве некои од клучните факти од оваа анкета на деца на возраст од 8 до 12 години:
-Не им е дозволено да си играат надвор сами, дури ни во својот двор – повеќе од секое четврто дете.
-Никогаш не користеле остар нож – 71 % од децата.
-Никогаш не оделе сами во еден дел од продавницата додека родителот бил во друг дел – 45 % од децата.
-Никогаш не разговарале со сосед додека биле сами – 56 % од децата.
-Никогаш не пешачеле или возеле велосипед никаде без возрасен – 62 % од децата.
-Никогаш не граделе нешто, на пример, тврдина или куќичка на дрво, надвор од својот дом – 63 % од децата.
-Никогаш не работеле работа за која биле платени (како што е чистење снег или чување деца) – 67 % од децата.
-Никогаш не правеле планови со пријател без помош на родител – 61 % од децата.
Анкетата, исто така, покажала дека 61 % од децата сакаат да си играат со своите пријатели и без возрасни, додека 87 % рекле дека би сакале да поминуваат повеќе време играјќи со пријателите надвор од училиштето.
Се зборува многу за тоа како децата треба да се учат на независност, а многубројни студии покажуваат дека недостигот на независност кај децата е поврзан со зголемени проблеми со менталното здравје и други долгорочни проблеми.

-Севкупно, ризичната игра им дава на децата поголеми можности да ги тестираат и да ги потврдат своите способности, како и можности да доживеат, да се справат и да решаваат проблеми во ситуации што вклучуваат неуспех. Оваа потреба за „ризична игра“ може да биде особено важна за тинејџерите, кои природно бараат поголема независност како што созреваат. Активностите за ризична игра можат да им обезбедат на тинејџерите можности да ја задоволат нивната развојна потреба за преземање ризик, на начини што се побезбедни од другите форми на преземање ризик, како што е експериментирањето со ризично однесување – истакнал Бери А. Гарст, доктор на науки од Универзитетот Клемсон.
Родителите ги штитат своите деца повеќе отколку што мислиме и повеќе отколку што е потребно. Можеби е време, или можеби е предоцна да се промени тоа, за да не остане оваа генерација на деца целосно зависна во иднина. Значи, добро е децата да се обидуваат да сечат леб, да пржат јајца, да направат супа од кеса, да возат велосипеди…
Автор: Наташа Крстичевиќ