Пред да го запишат детето на англиски јазик, без разлика дали има 2, 3 или 4 години, родителите треба да согледаат дали е доволно развиен говорно-јазичниот фонд на македонски јазик кај нивното дете, истакнува Петреска

Новите генерации деца подобро знаат англиски јазик од македонски. Комуницираат на англиски, без проблем следат содржини на англиски јазик, читаат, пишуваат… Неретко се случува и да прозборуваат на англиски јазик, да научат прво да бројат на англиски, да ги научат боите, животните… И доколку се праша двегодишно дете дали ова е „јаболко“, се случува да ве коригира и да ви каже дека е епл.

Познато е дека прекумерното гледање телевизија, претераната аудитивна и визуелна стимулација можат да дејствуваат како „кочница“ за развојот на говорот и јазикот кај децата. Но доколку детето прозбори на странски јазик, според логопедите, таа загуба тешко може да се надомести.

Родителите често се обраќаат кај логопедите за доцното прозборување или отсуството на говор кај нивните 3-годишни деца. А стручните лица ја препишуваат вината на часовите поминати пред телевизор, таблети, телефони. Странските цртани филмови кои нудат еднонасочна комуникација не дозволуваат детето да почувствува потреба да возврати и да има соодветна вербална комуникација.

Раното изучување на англискиот јазик создава конфузија

Според логопедот Ана Петреска, ако се прави паралела помеѓу навременото прозборување и учењето странски јазик, можеме да кажеме дека времето за учење странски јазик е некаде околу шестата година, односно тоа е периодот кога веќе ќе се заокружи говорно-јазичниот развој кај детето.

Ана Петреска

– Искуството од нашата логопедска практика покажува дека децата се воведуваат во англискиот јазик уште од најрана возраст, дури некаде околу втората година, и тоа не потекнува само од градинките, туку многу повеќе од семејната средина, при што децата се изложени на таблети и мобилни телефони и всушност преку тоа тие го учат англискиот јазик, а како што веќе споменавме, тоа е прерано затоа што децата во периодот помеѓу 2 и 3 години го немаат изградено целосно својот говорно-јазичен фонд на македонски јазик – вели Ана.

Во нашата држава постојат и едукативни центри каде што преку игра се изучува англискиот јазик и ние не велиме дека тоа е апсолутно лошо, меѓутоа, од логопедски аспект се гледа дека на повеќето од децата раното изучување на англискиот јазик им создава конфузија помеѓу поими на англиски и на македонски јазик и бидејќи англискиот јазик важи за мелодичен јазик, децата многу полесно и побрзо го усвојуваат за сметка на македонскиот, иако истовремено ги изложуваме и на македонски и на англиски јазик. Затоа, пред да го запишат на англиски јазик, без разлика дали има 2, 3 или 4 години, родителите треба да согледаат дали е доволно развиен говорно-јазичниот фонд на македонски јазик кај нивното дете, истакнува Петреска.

Англискиот им е поинтересен и позвучен на децата

На помалите деца англискиот јазик им е многу интересен, па така тие многу брзо ги помнат зборовите на одредени фрази, конверзации и сл.

– Децата, всушност, најдобро и најбрзо учат преку игра, но ако детето премногу комуницира со своите другарчиња или, пак, гледа цртани филмови на англиски јазик, може да се доведе во ситуација кога треба да искомуницира на македонски да му недостигаат зборови во реченицата, речениците да бидат аграматични со мешање на родовите, со погрешно или без членување на предметите и дури некогаш може да согледате дека на детето му е многу полесно да се искаже на англиски затоа што на македонски му е тешко, односно не знае како правилно и точно да се изрази. Но, сепак, нам како логопеди ни е важно детето да има уредно развиен говор на македонски јазик, најдобро би било детето да може да го владее англискиот јазик без тоа да создава проблеми во говорењето на македонски јазик – објаснува логопедот.

Од логопедски аспект, прекумерното изложување на електронски уреди каде што децата гледаат содржини на англиски јазик, создава кај нив подоцнежно прозборување, неправилен граматички редослед на реченицата, дури може да влијае и врз изговорот на некои гласови, како што е нашето и англиското р, дополнува Ана.

Сѐ повеќе деца подоцна прозборуваат

Изложеноста на децата на странски цртани влијае врз формирањето на првиот говор.

– Гледаме сѐ повеќе деца кои подоцна прозборуваат, тоа што од најрана возраст се изложени на цртани филмови на англиски јазик е таканаречениот „данок“ на технологијата бидејќи ова е современо време, живееме во современ свет каде што технологијата, како што се мобилните телефони и таблетите, е составен дел од нашето живеење, па децата не се изземени од тоа, но другиот аспект е дека во нашата држава долго време немаше нов анимиран цртан филм за деца на македонски јазик, па родителите на некој начин беа принудени на своите деца им пуштаат ТВ-канали со цртани филмови на англиски или на руски јазик – потенцира Петреска.

Како што вели таа, многу е важно децата уште од најрана возраст да бидат изложувани на жива, непосредна комуникација или, пак, интерактивна игра со еден или двајца членови од семејството каде што детето ќе го гради својот говор, односно ќе усвојува и ќе учи нови зборови, а исто така треба да им се раскажува, да им се посочуваат поими, ситуации од дитактички едукативни книги кои се наменети за деца од предучилишна возраст.

– Во нашето досегашно работење со децата многу чести проблеми се подоцнежно прозборување, неправилна граматичка структура и неправилен изговор на повеќе гласови – завршува логопедот Ана Петреска.



912

X