„Сите велат дека моите деца се добро воспитани, но никогаш не се такви со мене!“ Ви звучи познато? Медицинската сестра Крис Миног има неколку одлични совети за исцрпените родители за да поттикнат подобро однесување на децата дома.

Домот е местото каде што детето е непослушно

Крис вели дека игнорирањето на лошото однесување и пофалувањето на доброто однесување е одличен пристап и дека ако се вратите чекор назад, можете да ги видите причините за недоличното однесување на детето.

– Размислете како се однесуваат децата и како функционира семејството. Значи, ако имате четиригодишно дете кое оди во дневен престој пет дена од вкупно седум, и детето е навистина добро пет дена по ред, а потоа доаѓа дома кај своите родителите и неговото однесување станува неподносливо – тоа е затоа што поминало пет дена во кои постојано било добро.

Домот е местото каде што е срцето, а исто така е местото каде што децата се чувствуваат доволно безбедни за да се ослободат – а можеби и да тестираат некои граници. Ова е многу заморно за исцрпените родители.

-Домот е простор каде што тие можат да се опуштат и да се обидат да се однесуваат лошо. Тоа навистина може да ги совлада родителите кои работат или едноставно ја немаат таа ментална енергија за справување со 4-годишно дете – вели Крис.

Изберете ги вашите битки

Иако е импулсивна реакција да го укорите и казните вашето дете за секој погрешен чекор, Крис ги советува родителите да почнат уште од мали нозе и да се обидат прво да се справат со најсериозните однесувања на децата.

-Она што треба да го направите е да ги изберете вашите битки. Изберете ги работите што се навистина важни за вас и вашето семејство и фокусирајте се на нив. Ако постои семејна вредност или социјално однесување што детето го прави, а што е навистина неприфатливо, тогаш држете се доследно до тоа.

Уметноста на нежните последици

Крис вели дека „нежните последици“ како ограничување на приказните пред спиење, би можеле да бидат одговорот.

-Многу нежни последици се кога ќе кажете: ако ти го направиш ова, тогаш ние ќе го направиме тоа. Ако си груб/а со нас, вечерва нема да има приказна од мама и тато. Тоа не е нешто што негативно влијае врз нивниот живот, но е ефективно затоа што привлекува внимание.

Важно е да се нагласи дека само затоа што детето не добива приказна или нешто што го сака, не значи дека нема да добие љубов.

-Тоа не значи дека нема да го прегрнете пред спиење. Важно е детето да одлучи дека ако ја сака таа приказна, ќе мора да го промени своето однесување – вели Крис.

Други нежни последици може да бидат работи како што се исклучување десерт по вечерата или ТВ пред спиење.

Затоа, следниот пат кога ќе почувствувате дека вашето дете е совршен ангел за сите други освен за вас, сфатете го тоа како комплимент. Децата знаат дека вие сте нивниот безбеден простор, дека ќе ги сакате без оглед на границите што ги тестираат. А тоа значи дека сте успеале во вашата родителска улога.

Автор: Јасна Дреновац

Извор



912

X