Анемија претставува состојба на апсолутно намалување на црвените крвни зрнца, односно на концентрацијата на хемоглобин. Благодарение на хемоглобинот, се овозможува транспорт на кислородот до сите ткива во телото. Без кислород, не е можно нормално функционирање на организмот.
Една од најчестите анемии е анемијата предизвикана од недостиг на железо, која уште се нарекува и сидеропенична анемија и се појавува кога во крвта има недостиг на здрави црвени крвни зрнца кои му даваат на телото енергија и здрав изглед на кожата.
Најголем процент од децата имаат анемија поради лоша исхрана
Кај децата во првата година од животот, поради зголемување на вкупниот волумен на крвта, трошењето на железото за создавање хемоглобин е најголемо, поради што во тој период најчесто се јавува и анемија. Во состојба на константен раст и развој, има зголемена потреба од кислород до сите органи, па намален број на црвени крвни клетки може да предизвика стрес врз телото на детето. Најчеста причина за појава на анемија кај децата е намален внес на железо со исхраната. Затоа и најчеста анемија во детската возраст е сидеропеничната анемија, анемија предизвикана од недостиг на железо.
Нутритивните анемии се резултат на недоволен внес на потребната храна во организмот, која придонесува за синтеза на хемоглобин и еритроцити. Дефицитот на железо е најчестиот тип нутритивна анемија и се смета за главна причина за анемија кај претшколските деца.

Но, потребно е да се внимава при дијагноза на анемија предизвикана од недостиг на железо бидејќи може да се јави и при скриено или видливо крвавење.
Како да препознаете анемично дете?
Повеќето симптоми на анемија се неспецифични, само мал дел од нив се поврзани со одредени видови анемија. Анемијата многу често е придружен симптом на други, најчесто хронични заболувања.
Најчестите симптоми на анемија се: појава на бледа или жолта пребоеност на кожата, бледа уста и образи, блед тен, ноктите може да изгледаат побледи од обично, детето е иритабилно, премалено и повеќе спие, се уморува, има недостиг на енергија, ладни стапала и дланки, губење на фокусот и концентрацијата и намалена способност за учење. Овие се најчестите рани симптоми на анемија кај децата.
Додека деца со изразена анемија може да имаат дополнително и чувство на недостиг на воздух, забрзана работа на срцето, оток во рацете и во нозете, вртоглавица и губење на свеста.
Карактеристично е кај дека децата со анемија предизвикана од недостиг на железо може да се забележи однесување наречено “pica”, децата јадат мраз, земја, креда, хартија, картон или брашно, што може да предизвика опстипација.
Во најголем процент од случаите обична крвна слика може да ни укаже на правилна дијагнозата.

Што по дијагнозата на анемија кај децата, како да се превенира и лекува?
Железото се внесува во организмот преку храната и преку додатоци на исхрана.
Анемијата предизвикана поради недостиг на железо може да се превенира со консумирање храна богата со железо. Треба да знаете дека има две форми на железо во исхраната. Клучен е внесот на двете форми во организмот – органското и неорганското железо.
Која храна е најбогат извор на хем и нехем-железо?
Извор на хем-железо: говедско месо, јагнешко месо, свинско месо, риба, живина, школки.
Извор на нехем-железо: oреви, зелен зеленчук, житни растенија, суво грозје, грашок, јајца.
Покрај храната, железото може да се внесе во организмот и во форма на суплементи. По дијагноза на анемија предизвикана од дефицит на железо, неопходен е внес преку додатоци. Денес на пазарот се достапни суплементи со комбинација на двете форми на железо.

Зошто треба да побарате суплементи што ги имаат двете форми на железо?
Токму оваа уникатна комбинација е многу значајна за подобра апсорпција на железото. Хем-железото има висока биорасположливост (15%-35%) и исхраната има мал ефект на неговата апсорпција, додека апсорпцијата на нехем-железото е многу помала (2%-20%) и е под силно влијание на фактори од исхраната. Со додавање на хем-железо кон нехем-железото во таблетите се зголемува апсорпцијата на железо за 40%, со што се постигнува побрз ефект од терапијата кај анемија со помали дози и без несакани ефекти од слободните јони на железо во цревата. Со суплементите базирани на комбинација од двата типа железо, несаканите ефекти се сведени на плацебо.
Препорака е по дијагностицирањето на железодефицитарната анемија да се консумираат суплементи со железо во траење од најмалку три месеци за да се формира потребното депо на железо во организмот.
Автор: д-р Весна Атанасовска, спец.по семејна медицина