Учениците што имаат вошки треба да одат на училиште, се вели во новиот извештај на Американската академија за педијатрија. Нивната препорака е да не се држат децата надвор од училниците поради оваа состојба, туку на семејствата да им се понудат едукативни програми кои ќе им помогнат да разберат како да се справат со вошките.
„Вошките се досадни, но тие можат успешно да се менаџираат и не се причина зошто детето да ја пропушта наставата“, вели главниот автор на извештајот, Даун Нолт. „На детето или на адолесцентот не треба да му се забранува да оди на училиште поради вошки, со оглед на ниската стапка на инфекција во училниците. Правилото да не се оди на училиште поради оваа непријатност ги нарушува граѓанските слободи на детето“, се додава во извештајот.
Центрите за контрола и превенција на болести, исто така, препорачуваат учениците со вошки да не се испраќаат дома и да им се дозволи да се вратат во училницата следниот ден по третманот.
Американската академија за педијатрија забележува дека вошките обично се шират при контакт од глава до глава, понекогаш со допирање на предметите на заразено лице. „Вошките кои се наоѓаат на чешел обично ќе бидат повредени или мртви, а потоа шансите за инфекција се екстремно мали“, истакнуваат тие.
Според педијатрите, идеалниот третман за вошки не вклучува токсични хемикалии, туку прилично евтини средства кои лесно се применуваат.
Во детските колективи, како што се градинките или основните училишта, вошките се појавуваат секоја година во есен и во пролетните месеци. Досадните штетници се хранат со крв од скалпот, а кога се размножуваат во голем број, предизвикуваат чешање на главата. Надвор од скалпот, вошката може да преживее до 48 часа, по што умира без храна.
912