При алергиска пневмонија најбитно е, доколку е можно, да се отстрани алергенот
Алергиска пневмонија претставува алергиска реакција на белодробниот паренхим на разни причинители: аскарис, тенија, амеба, ехинокок, пневмокок, полен, сулфонамиди, пеницилини… Клиничка слика на алергиска пневмонија често дава и ревматоиден артритис. Еозинофилијата (покачени еозинофили) и белодробните промени се сметаат за резултат на хиперсензитивни реакции на етиолошкиот причинител на состојбата, а болеста обично настанува кај децата кои во лична анамнеза имаат некои алергиски заболувања.
Текот на оваа болест најчесто поминува без симптоми. Ретко, кај детето се појавува зголемена телесна температура или намалена, има отежнато дишење (диспнеа) и напад на кашлица, а понекогаш се жали и на болка во градите. При преглед со стетоскоп на белите дробови се слушаат влажни бронхогени шумови и крепитации. Болеста може да е проследена и со зголемен црн дроб и зголемени глобулини (серумски белковини во крвта). На рендген се гледаат засенчувања на едно или на двете белодробни крила и обично се локализирани во горните делови на белите дробови. Промените брзо исчезнуваат, за 3 до 15 дена, и можат да рецидивираат (да се вратат) на истиот или на друг дел на белите дробови. Зголемени се еозинофилите во периферната крвна слика и умерено покачени леукоцитите. Инаку, не постои специфична терапија. Кортикостероиди и антихистаминици може да бидат од помош. Најбитно е, доколку е можно, да се отстрани алергенот кој ја предизвикал оваа болест, докажан со алерголошки тестови, за да се избегнат повторни јавувања (рецидиви).
Алергискиот алвеолитис е заболување кое настанува при инхалација на органска прашина, но битно е да се напомене дека честичките што продираат до алвеолите (најмалите белодробни структури) се многу мали и можат да предизвикаат алергиски алвеолитис. Познато е дека ова алергиско заболување може да е предизвикано од многубројни органски прашини, снопови сено, габички од плунка содржина на клунот на папагалите и гулабите и габички од мешано ѓубриво.
При преглед со стетоскоп на аускултација се слушаат крепитации без бронхијални шумови и болеста може да има акутен и хроничен тек. Акутниот облик предизвикува почеток со кашлица, зголемена телесна температура, треска и губење на тежина. Симптомите обично се појавуваат 6-10 часа по експозиција на алергенот. Слабиот апетит и главоболката траат и неколку дена по повлекувањето на респираторните симптоми.
Во хроничниот облик кашлицата е прогресивна, подолго трае и придружена е со диспнеа (отежнато дишење). Радиолошки се гледаат дифузни белодробни засенчувања, често билатерални. Во почетна фаза на болеста наодот на рендген може да биде нормален.
На лабораториски испитувања може да се забележи забрзана седиментација. Во периферната крв има еозинофилија, која е дискретна и не поминува повеќе од 7%. Најбитно во лекувањето е да се избегнува контакт со одговорниот алерген. Кортикостероиди може да бидат од корист, исто и антихистаминиците, по докажувањето на причинителот.
912