д-р Сузана Цветановска, оториноларинголог

д-р Сузана Цветановска, оториноларинголог

ПЗУ ОРЛ „Д-р Сузана Цветановска“
ул.„Никола Парапунов“, бр. 3/л.35
тел. 02/ 5205 215
моб. 070 732 752

Повеќе од авторот

Кај дијагностицираните поленски алергии, кортико-спрејови и сирупчиња за алергија пожелно е да се даваат пред почетокот на пролетта

Со доаѓањето на пролетта топлите сончеви зраци нè мамат секој слободен миг да го поминуваме надвор од домот. Прошетките во природа се благодат за нашите најмили, особено поради чистиот воздух, топлото време и нивните весели игри. Но, токму тогаш кај некои деца се јавуваат симптоми што потсетуваат на настинка. Затнатост на носето со зголемена секреција, чешање во пределот на носето и очите, кивавица, а понекогаш упорна кашлица, засипнатост на гласот или тешкотии при дишењето упатуваат на алергиско заболување.

Алергиската болест е изменет одговор на организмот предизвикан од некои супстанции наречени алергени или антигени. Можат да бидат внесени како одреден тип храна (нутритивни) или вдишани со воздухот (инхалациони).

Многу фактори придонесуваат за појава на алергиско заболување, кое во последниве години е во постојан пораст. Пред сè, тука се генската предиспонираност (алергиска болест кај родителите или блиските роднини), состојбата на имунитетот на детето, стресните состојби, а фаворизирачки фактори се загаденоста на воздухот, нездравите навики, како и некои хронични заболувања.

Треба да се напомене дека во пролетниот период алергиските реакции се поинтензивни и во тој случај се работи за сезонска алергија, но ако перзистира преку цела година, се нарекува целогодишна. Во тој контекст потребна е идентификација на алергенот или алергените.

Долготрајната затнатост кај децата некогаш може да доведе до промена на слухот. Понекогаш е придружена со краткотрајна болка во ушите

Алерголошките тестови (PRICK, RIDA, одредување на еозинофилија на носниот секрет) ги потврдуваат дијагнозата, начинот на лекување и превентивните мерки што треба да се преземаат. Ова е особено е важно за да се спречи прогресирање на болеста, како и појавата на компликации и други несакани ефекти што можат да го нарушат здравјето на детето.

Кај инхалационите алергиски реакции првиот орган кој реагира е носот, со црвенило и оток на носната слузница и зголемена бистра секреција. Тоа доведува до отежнато назално дишење и бара секојдневно одржување на носната хигиена, пред сè, прскање со солени капки, носни деконгестиви и кортико назални спрејови. Неретко е потребно и прскање на заштитни капки кои полените и другите честички ги задржуваат на почетокот на носот и не дозволуваат да прогресира алергијата.

Кај дијагностицираните поленски алергии, пожелно е да се даваат кортико-спрејови и сирупчиња за алергија пред почетокот на пролетта за да се спречат компликациите.

Долготрајната затнатост кај децата некогаш може да доведе до промена на слухот. Понекогаш е придружена со краткотрајна болка во ушите.

Децата се нашето најголемо богатство. Нивната беспомошност и ранливност бара одговорноста за нивното здравје, веселото и безгрижно детство да е должност на секој родител, но и на секој лекар. Редовната соработка на родителите со алерголог и оториноларинголог гарантира успешен третман.



912

X