Забавен психомоторен развој претставува развојно доцнење кое се забележува во сферите на моториката, говорниот, емоционалниот и социјалниот развој. Детето со постојана стимулација од страна на стручни лица и вклучување на родителите, со соодветни вежби според можноста, совладува одредени развојни домени. Во првите години од животот на детето, од почетокот на развојот, првенствено доминира моторната активност, а потоа на неа се надоврзуваат и емоционалниот, когнитивниот и говорниот развој. При процена на психомоториката треба да се имаат предвид одредени принципи: одреден редослед, индивидуалните карактеристики на детето, од поедноставни кон посложени функции, нерамномерност во ритамот на развој на одредени функции. Степенот на развој во првите години од животот на детето е основа на психомоторна процена. Со психомоторните активности децата го вежбаат мозокот со цел паметење на активноста и насочување во секојдневното функционирање.
Активности што ја поттикнуваат и ја вежбаат грубата моторика
- Скокање
- Трчање
- Користење баланс-штици или велосипед
- Скокање на трамбулина
- Одење и следење на лента за рамнотежа.
Активности што ја стимулираат фината моторика
- Нижење перли, макарони, цевки
- Ставање и вадење коцки
- Употреба на пластелин и правење фигури
- Отворање и затворање штипки
- Кинење на листови хартија
- Сечење и лепење.
Активности за когнитивен развој
- Употреба на сложувалки (зависно од возраста)
- Активности што вклучуваат следење на шеми, редење, местење по одреден план (дадени конструкции)
- Ставање форми по големина и форма
- Класификација по форма, боја и големина
- Поврзување број со количина
- Вежби за меморија.

Начинот на изведување на сите овие активности нека бидат на ниво на игра за да им го привлечат вниманието на децата, особено за активностите за когнитивен развој. Вежбањето на грубата и фината моторика може да ја спроведувате во парк или на игралиште со цел здружување во тимска игра и следење на социјалните правила.
Психомоторниот развој е една целина која во првите години од животот постепено се надополнува и надоврзува бидејќи со самото развојно доцнење следното скалило од развојот нема да биде исполнето.
Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, реедукатор по психомоторика, гешталт психотерапевт во едукација