Како што изминува календарската 2021 година, така осознаваме дека е потребно да си дадеме доволно простор и време за да направиме една семејна ретроспектива на сѐ што ни се случило изминатиот период.

Празниците се период кога целото семејство е заедно и треба да ја задржи својата кохезија и топлина. Во овој период предлагам една семејно динамична вежба која ја работам многу често на семејните советувања.

Вежбата се вика „Куќа на спомени со пет ката“ и во неа можете да вклучите деца над тригодишна возраст.

Потребен ви е лист хартија за секој член од семејството и боички по желба.

Куќата треба да се состои од пет ката, а за секој од нив е предодредена одредена тема. Секој што ќе раскаже за дадената тема, го црта првиот кат и сѐ така натаму по редослед до последниот кат, со цел да се формира целата куќа. Секој има задача да се сети и да раскаже нешто во врска со своите сеќавања или некои случувања што ги доживеал во текот на годината и да ја напише или нацрта приказната, т.е споменот во дадениот кат од куќата.

Темите за разговор по катови се:

Прв кат – среќни случувања во 2021 година

Втор кат – тажни случувања во 2021 година

Трет кат – приказна за стравот во 2021 година

Четврти кат – приказна за разочарување во 2021 година

Пет кат – приказна за пријателство во 2021 година

Во покривот на куќата нацртајте се себеси, а на задната страна од листот запишете ги и довршете ги следните реченици кои се однесуваат на наредната, односно на 2022 година:

2 работи во кои ќе станам подобар/а…

0 нешто што сакам да не го правам веќе…

2 нови работи што сакам да ги пробам…

2 нови работи што сакам да ги научам…

Се надевам дека оваа вежба ќе ви стане семеен ритуал секоја календарска година и преку неа ќе им пренесете многу вредности на најмалите, а тие, пак, кога ќе пораснат, со топлина и исполнетост ќе се сеќаваат на овие мигови. Што друго во празниците ќе нѐ остави сплотени и блиски ако не отворената комуникација и можноста членовите од семејството да учат едни од други.



912

X