За секое дете што расте, совладувањето на умешноста на држењето на моливот е многу важен чекор. Правилното држење на моливот не е нешто што се развива еднакво кај секое дете. Некои деца техниката на држењето на моливот ја совладуваат порано, а некои подоцна. Повеќето од децата по навршувањето на возраст од 12 до 18 месеци фаќаат молив со цела рака и чкртаат на лист хартија. Со текот на времето нивните способности за правилно држење на моливот се зголемуваат и ја совладуваат оваа вештина. По 4-тата година се очекува детето да почне правилно да го држи моливот.
Што предизвикува лошо држење на моливот?
Фината моторика, особено слабите мускули на прстите често резултираат со неправилно држење на моливот или, пак, недоволен стисок (бледо пишување) и сето тоа доведува до недостиг на координација. Друга причина за лошото држење на моливот се слабите мускули на рамењата. Мускулите на рамењата и на рацете се вклучени во чинот на правилно држење на моливот и пишувањето. Зајакнувањето на овие мускули може да се постигне на забавен и интересен начин преку игра. Ќе споделам со вас неколку активности што може детето да ги прави дома, а да бидат забавни и корисни за него.
Охрабрете го детето да игра и да гради со лего-коцки
Лего-коцките им се омилени на децата и тие се совршена алатка за подобрување на фината моторика. При играње со лего-коцките децата ги користат истите прсти како и при држењето на моливот.
Активности со пинцети
Користењето најразлични видови пинцети помага при правилно држење на моливот. Треба да се фаќаат најразлични предмети со различни големини. Детето може да фаќа ореви, капачиња, пом-пом топчиња, камчиња и сл.
Нижење
Нижењето е исто така многу интересна активност за децата. Тие можат да нижат ѓердани за своите мајки и баби од најразлични материјали и тоа: макарони, цевки, копчиња, перли и сл.
Забава со штипки
Сите имаме штипки кои можат да бидат одлична моторна активност за детето. Тие можат да ги ставаат на картон, слики, врвки, дрвени шпатули и сл.
Лепење и одлепување
Ова е едноставен и ефикасен, а пред сѐ забавен начин да се работи на стисокот. При одлепување или залепување детето ги користи палецот и показалецот. Децата уживаат да одлепуваат и залепуваат налепници, стикери, колаж и сл.
Автор на текстот и фотографиите: Магдалена Лазарова, специјален едукатор и рехабилитатор
912