Воспитување

Ако вие се откажете од дисциплинирањето на вашите деца, животот нема

Како да креирате објава за родителство што добива илјадници лајкови? Само напишете нешто за тоа како сите ограничувања кои им се наметнуваат на децата се штетни и дека само треба да дозволиме нивната совршена природа да се изрази.

Зошто толку ни се допаѓаат овие и слични гледишта? Затоа што дисциплинирањето на децата е тешка и одговорна работа. Веројатно самиот збор дисциплина малку ве вознемирува – звучи како да сме во некој суров воен логор, а сигурно има стотици објави, со многу допаѓања и реакции, кои го кажуваат тоа.

Се разбира дека ни се допаѓа ако некој ни рече дека не треба да ја работиме таа напорна работа. Дека детето сè ќе прави без нас. Дека сме ослободени од одговорност. Затоа што да се дисциплинира дете, не значи да земеш стап или чекан и да им покажеш на децата кој е главен. И тоа е лесно. Затоа ваквите објави добиваат многу лајкови. Не е така, дисциплинирањето бара од вас да смислите стратегии и начини кои се праведни и сочувствителни, кои му дозволуваат на детето да се социјализира, да развие емоционална компетентност, да има структура, да знае каде се туѓите граници. Да му посветите целосно внимание на вашето дете и да бидете подготвени да го толерирате моменталниот гнев, па дури и омраза што детето може да ја изрази кон вас по некоја воспитна мерка. А што нè парализира денес повеќе од стравот дека нема да нè сакаат нашите сопствени деца, дека нема да им се допаѓаме? Толку многу ги фокусиравме нашите ресурси на нив – физички, емоционални, временски и материјални, што сме зависни од нивната наклонетост.

Погледнете го, на пример, овој совет од популарната книга за родителство „Вашето компетентно дете“:

-Петгодишно дете добило голема кеса со слатки. Родителските коментари: „Земи уште една бонбона и дај ми ја кесата, остави малку за утре“ и „Не мислиш ли дека треба да зачуваш нешто за утре“, имаат подмолно дејство бидејќи го уништуваат чувството на задоволство кај детето во доживувањето дека е дел од семејната заедница. Детето природно, самостојно и со време ќе научи колку слатки да јаде“.

Не ја читав оваа книга кога имав мали деца, но моето компетентно дете, благодарение на нашето невнимание, изеде полна кеса гуми за џвакање на петгодишна возраст. Следната недела ја поминавме во агонија, одејќи по лекари, дење и ноќе обидувајќи се да го утешиме детето кое плачеше од болки, додека не стигнавме до хирург кој препорача клизма и го реши проблемот. Дали мислите дека нашето компетентно дете по тоа искуство стана уште покомпетентно и реши да биде одговорно и умерено во консумацијата на слатки или веднаш заборави на оваа лекција? Веројатно погодивте дека одговорот е вториот.

Ниту едно дете по своја волја не може самото да ја прифати тешката и макотрпна работа за ограничување на сопствените импулси и регулирање на своите емоции. Да научи како да ги претвори суровите и незауздани импулси во енергија за решавање проблеми и постигнување цели кои се во границите на реалноста. Дури и ние возрасните не сме напредувале многу далеку во оваа смисла, со сето наше знаење, искуство и вештини. Ја јадеме и ние таа кеса со слатки, броиме пари, не миеме заби пред спиење затоа што толку слатко не фатила дремка, ги караме нашите деца или се правиме дека не забележуваме лошо однесување затоа што не сакаме да смислиме подобар пристап. Секако, не сме сите исти, ниту пак нашите деца – на некои им е полесно, на некои потешко. А најтешко им оди на оние чии родители ги сметаат за доволно компетентни самите да се воспитуваат.

Можеби се откажале од дисциплинирањето на своите деца, но животот нема да го стори тоа. А животот тоа го прави многу помалку сочувствително, дозирано и суптилно. Неговите сурови дисциплински методи не се водат од љубовта, за разлика од вашите. Затоа што животот – тоа е она стомаче што ги боли многу една недела поради изедена кеса бонбони.

Автор: Јована Папан

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top