Родителите често можат да почувствуваат дека нешто се случува со нивното возрасно дете, иако тоа не го кажува отворено.
Избегнувањето одредени прашања може да биде знак дека детето се соочува со нешто сериозно, без оглед дали станува збор за стрес, финансиски проблеми, емоционални тешкотии или чувство на преоптовареност.
Експертите истакнуваат дека токму прашањата кои возрасните деца најмногу ги избегнуваат можат да откријат каде се крие изворот на проблемот. Според психолозите и терапевтите, ако вашето возрасно дете ги избегнува овие прашања, веројатно крие нешто важно:
„Како стоиш со пари?“
Парите често се чувствителна тема помеѓу родителите и возрасните деца, особено затоа што многу млади денес тешко управуваат со своите финансии. Според едно истражување од јануари оваа година, дури 39 отсто од припадниците на генерацијата З изјавиле дека токму финансиите им создаваат најголем стрес.
Ако детето го избегнува ова прашање или дава нејасни одговори, можно е да има финансиски проблеми кои му е срам да ги признае. Таквата ситуација е многу честа, но чувството на срам и гордост често ги спречува младите да бидат искрени.

„Кога последен пат се чувствуваше смирено?“
Ако детето не знае да одговори на ова прашање или го избегнува, можно е да се соочува со внатрешен немир. Стресот, анксиозноста, работата или личните притисоци можат да го спречат чувството на смиреност. Кога животот е преполн со обврски и вознемиреност, понекогаш е тешко да се сетиме кога сè било навистина мирно.
– Создавањето балансиран живот во кој грижата за себе е дел од секојдневието е достапно за сите. Пронајдете ја внатрешната мотивација за промена и развијте план кој ќе го извлече најдоброто од вас – вели психологот Кен Драк.
„Дали ти треба помош околу нешто?“
На многу возрасни деца им е тешко да признаат дека им треба помош, дури и кога се борат со проблеми. Често тоа го доживуваат како знак на слабост или неуспех. Сепак, родителската поддршка не значи одземање на самостојноста, туку покажување грижа.
– Барањето помош значи дека сте подготвени да дејствувате и да ги ставите вашите цели на проверка – вели експертот за однесување Грег Левој.
Но, гордоста често застанува на патот. Возрасните деца сакаат да покажат дека можат сè сами, иако прифаќањето помош би ја олеснило ситуацијата.
„Зошто не сме те виделе долго време?“
Понекогаш ова прашање звучи како обична родителска грижа, но ако детето го избегнува, можно е зад тоа да стои подлабок проблем. Избегнувањето на семејството често не е знак на незаинтересираност, туку последица на внатрешна борба и чувство на неуспех, стрес или емоционално преоптоварување.
– Изградбата на посилен однос со возрасните деца бара трпение, почит и подготвеност за промена. Отворената комуникација е клучна за однос што ги задоволува двете страни – вели психотерапевтот Шерон Мартин.
Ако детето се повлекува и сè поретко се јавува, тоа не треба да се игнорира, повлекувањето често е првиот знак дека му е потребна поддршка.