Воспитување

Ако сакате децата да имаат работни навики, обидете се со методот на Маите

Саботните утра претставуваат измачување во мојот дом, особено за мене. Јас не чистам во текот на неделата бидејќи работам, имам деца и силна желба да го задржам здрав разумот. Не, не се шегувам, се обидов да ги правам сите нешта – да одам на работа, да готвам, да чистам, да бидам мајка – и тоа не помина добро. Тоа речиси ме уништи. Бев несреќна, вознемирена и постојано лута.
Па затоа сега чистам во текот на викендот. Ако дојдете во мојот дом од понеделник до петок, ќе видите дека тој потсетува на природна катастрофа. Јас не се извинувам за состојбата во мојата куќа бидејќи мојата фамилија, мојата работа и мојот здрав разум секогаш се на прво место. Перењето на алиштата може да почека.

Па затоа во сабота наутро пијам кафе и чистам. Навистина не ми смета чистењето додека не видам валкани садови на масичката, нечисти чорапи во ходникот. Овие работи ми го расипуваат расположението. Моите деца имаат четири и шест години, и ве уверувам дека не се мали за да расчистуваат по себе. Нема никаква причина да наоѓам ѓубре, нечисти садови или нечисти алишта на повеќе места низ мојата куќа, но тоа се случува секоја недела.

Знам дека не сум сама во оваа битка. И не, јас не собирам по моите деца, туку ги терам да ми се придружат во забавата наречена „чистење“.
Обично нашите саботи одат вака: им давам лист со задачи што треба да ги завршат и тие плачат и лелекаат како да сум им рекла дека треба да се тркалаат по скршено стакло.
Јас не барам многу, само едноставни работи, како подигање на чевлите од пред влезната врата, чистење на нивните соби и ставање на личните работи на нивното место. Она што почнува како мирно барање завршува со викање и заканување, секоја сабота.

Постои и подобар метод, а мајките Маи го пронајдоа. Според истражувањата направени во Мексико и Гватемала, децата од домородно потекло не само што помагаат околу куќата туку тоа го прават и без да бидат прашани. Помагањето на нивната фамилија не е само очекување, тие сакаат да помагаат и се гордеат со тоа.
Како овие мајки Маи воспитуваат деца што сакаат да работат? Тие почнуваат да ги учат децата уште додека се мали, многу мали. Сосема е нормално мали деца да помагаат околу дневните задолженија, како перење на облеката, правење вечера и чистење. Сите овие работи се дел од нивниот живот уште пред да научат да одат.
Знам што мислите – помошта од едногодишно дете е контрапродуктивна. И тоа мислење не е погрешно, но овие мајки им дозволуваат на своите бебиња да им помагаат бидејќи така тие учат. Кога почнуваат да учат од рана возраст, овие активности им стануваат навики. Тие нема да се сеќаваат дека некогаш не помагале во својот дом, па затоа не постои лутина кај нив. Тие учат и развиваат интерес и разбирање за сè што е потребно за да се одржи домот во ред.

Кога ќе размислите, овој метод всушност е генијален. Секако, трае долго време и најверојатно ќе ви ги направи работите покомплицирани на почетокот, но ако имате трпеливост да ги учите додека се мали, подоцна кога ќе бидат постари ќе ви се исплати десет пати. Не знам за вас, но јас би сакала да знаев за овој метод кога моите деца беа мали.
Можеби јас го пропуштив бродот за да ги научам моите деца, но никогаш не е доцна да ги учите на одговорност. Брук Хемптон, која пишува за „Берфоот фиве“, му дозволува на своето 13-годишно дете да го менаџира семејниот месечен буџет за купување намирници. Таа вели дека родителите често ги потценуваат способностите на децата, па затоа им дозволува на своите деца да го преземат водството секогаш кога е можно.
Важно е да се изберат соодветни задолженија или да им се дозволи на децата да ви помогнат со одредени задачи.

Истражувањата покажале дека децата треба да имаат задолженија и да помагаат дома за да станат успешни возрасни лица. Научете ги дека работата е дел од животот.
Без разлика дали ќе почнете рано да ги учите, како Маите, или ќе ги учите подоцна, тоа ќе биде добро за нив.

Автор: Џори Варнеј

Поврзани написи

To top