Воспитување

Ако сакате да воспитате успешни деца, науката вели дека овие навики се најважни

До неодамна бев на мисија: сакав да откријам совети за родители базирани на наука што ќе ми помогнат да воспитам успешни деца. Еве краток, но детален поглед на петте најкорисни истражувања што ги најдов и навиките што тие ги предлагаат за родителите.

1. Бидете пример и идол за вашето дете (но не и единствен идол)

На децата им требаат одлични модели и идоли, но една од најважните улоги што можете да ја моделирате е како вие се справувате со неуспехот.

Потребно е искрено, отворено и транспарентно да се справувате со него. Вашите деца треба да видат дека се обидувате, но не секогаш успевате. Бидејќи и тие некогаш нема да успеат, а вие сакате да ги научите две работи:

1. Немој да се плашиш или срамиш од неуспех, особено кога знаеш дека си дал 100 отсто од себе.

Веднаш застани на нозе.

Пред неколку години истражувачи од Технолошкиот институт во Масачусетс спровеле експерименти со деца на возраст од 15 месеци. Колку повеќе нивните родители им давале да видат дека се борат и не успеваат во одредени моменти, толку децата станувале поотпорни.

– Постои одреден притисок врз родителите да направат сè да изгледа лесно. Во ова истражување ние сугерираме дека можеби не е лошо да им покажете на вашите деца дека треба да работите напорно за да ги реализирате вашите цели – вели еден од лидерите на истражувањето.

Освен тоа, добро би било децата да имаат и друг идол, како во нивните животи, така и во литературата.

2. Научете ги да ја сакаат природата

Овој совет се чини особено соодветен сега, како што излегуваме од пандемијата. Децата треба да поминуваат време на отворено.

Истражувањата покажуваат дека децата што поминувале помалку време на отворено на почетокот на пандемијата доживеале негативно влијание врз нивната емоционална благосостојба. Едно истражување покажа дека децата, особено момчињата кои поминувале време на отворено за време на училишните одмори имале подобри придобивки во способноста за читање во наредните две години, наспроти децата чии училишта не нуделе одмор на отворено.

Друго истражување покажа дека 15 минути неделно поминати на отворено значат подобро ментално и емоционално здравје.

Истражувачите откриле дека среќата кај средношколците во САД почнала да опаѓа од 2012 година па наваму.

Што се случи во 2012 година? Тогаш децата во голема мера почнаа да добиваат свои паметни телефони.

3. Научете ги да ѝ даваат приоритет на љубезноста

Пред неколку години психологот Адам Грант и неговата сопруга Алисон Свит Грант напишаа книга за децата и љубезноста. Во една статија за „Атлантик“ тие истовремено дадоа интересна поента.

– Повеќе од 90 отсто од родителите во САД велат дека еден од главните приоритети е нивните деца да искажуваат грижа и љубезност. Но, ако ги прашате децата кои се главните приоритети на нивните родители, 81 отсто велат дека нивните родители ги ценат достигнувањето и среќата над грижата и љубезноста.

Луѓето не сфаќаат еден од најфасцинантните факти: луѓето што покажуваат љубезност и грижа кон другите најчесто имаат поголема веројатност да го постигнат тоа што го сакаат.

4. Фалете ги на вистински начин

Постојат најмалку три аспекти на доброто фалење на децата што ги најдов во истражувањата: прво, треба да ги пофалиме децата за нивниот напор, а не за нивната надареност.

Како треба да звучи фалењето: Горда сум на тебе. Видов колку многу учеше за тестот.

Како не треба да звучи фалењето: Знаев дека ќе се снајдеш добро за тестот. Многу си паметен и природно си добар по математика.

Вториот аспект е тоа што треба да ги фалиме автентично. Децата не се глупави и тие знаат кога ги фалите за работи што навистина не заслужуваат пофалби. Но, тие имаат потреба од фалење за да знаат дека сте горди на нив.

Во истражување спроведено на 300 деца, истражувачите откриле дека кога родителите сфатиле дека премногу или премалку ги фалат за училиштето, децата имале полош успех на училиште и во голема мера се соочиле со депресија. Важно е да бидете дарежливи со пофалбите во однос на квантитетот. Тригодишно истражување од Универзитетот „Бригам јанг“ открило дека нема волшебно количество пофалби, но корисно е да го правите тоа што е можно почесто.

5. Бидете тука за нив

Последниот совет е можеби најтежок бидејќи често се поврзува со клишеата за родители што не сакаме да бидеме: хеликоптер-родители.

Истражувањата велат дека треба да бидете вклучени, но сепак да им дозволите на вашите деца да ги прават работите сами колку што можат. Но, неколку истражувања откриле дека родителите што биле до децата додека тие се соочувале со големи предизвици или неуспех, на која било возраст, и самите имале поуспешни деца и имале подобри односи со нивните родители.

Накратко, вие сте родител на вашето дете и треба да постапувате на тој начин: да го водите, да го туркате и да покажете дека секогаш ќе бидете тука за него.

Автор: Бил Марфи Џуниор

Извор

Поврзани написи

To top