Зошто 90 отсто од популацијата во Македонија пишува „незнам“ (сврзано), зошто сите велат дека социјалните мрежи се место каде што најмногу се гледа нашата неписменост како нација, зошто на студиите по македонски јазик годинава имаше одвај пет кандидати? Каков мајчин јазик учат основците и средношколците во Македонија, каде грешиме, што треба да се промени?
Ревизија на учебниците по македонски јазик е неопходна бидејќи покрај правописни има и многу содржински грешки. Учениците мора да го совладаат македонскиот јазик ако сакаме писмена нација, вели наставничка по македонски јазик од шесто до деветто одделение во едно скопско училиште. Преку овој став отвораме повеќе прашања – зошто 90 отсто од популацијата во Македонија пишува „незнам“ (сврзано), зошто сите велат дека социјалните мрежи се место каде што најмногу се гледа нашата неписменост како нација, зошто на студиите по македонски јазик годинава имаше одвај пет кандидати? Каков мајчин јазик учат основците и средношколците во Македонија, каде грешиме, што треба да се промени?
Реформите се одамна најавени
Од Министерството за образование и наука, уште во мандатот на претходната министерка Рената Дескоска најавија дека ќе има програмски реформи во целата наставна програма, а акцискиот план предвидуваше намалување на часовите во сите одделенија во основното образование. Актуелниот министер Арбер Адеми не отстапува од промените, но дециден е дека треба да се направи длабока и сеопфатна анализа пред да се направат промените, кои ќе бидат имплементирани преку нови закони за основно и за средно образование.
Дотогаш децата ќе учат по старата програма, која во пониските одделенија предвидува македонски јазик по шест часа неделно, а по четири во погорните одделенија кога имаат предметна настава. Наставничката од Скопје вели дека ако правилно се искористат, 4 часа неделно од шесто до деветто одделение се сосема доволни.
– Квалитетот на предавањата најмногу зависи од квалитетот на наставникот и колку е посветен на работата – вели таа.
Според неа, ревизија на учебниците по македонски јазик е неопходна бидејќи покрај правописни има и многу содржински грешки.
– Успех може да се постигне само ако јазикот биде одделен предмет од литературата. Оти јазикот е алатка потребна во сите сфери и неопходно е негово целосно познавање заради правилна примена. Литературата е нешто друго, повеќе е поврзана со склоностите на учениците, литературата е уметност. Владеењето на јазикот е вештина која мора да се совлада ако сакаме писмена нација. Интересот кон читањето може да се зголеми ако понудиме поинтересни и поактуелни четива. За почеток, добар чекор е промената на лектирите – вели таа.
Педагошката служба реагира на забелешки од наставниците
На ресорно ниво, ингеренциите за наставните програми и за содржината на учебниците за сите предмети е поделена меѓу Педагошката служба при МОН и Бирото за развој на образованието.
Вања Велева е македонист и директорка на Педагошката служба. Таа објаснува дека во нивна надлежност е ревидирање на конкретни содржини низ учебниците, доколку за тоа има укажување, сугестии или размислување од релевантни фактори, директно инволвирани во процесот.
– Конкретни измени во содржинскиот дел на учебникот може да се направат. Но, за да може учебниците суштински да претрпат видоизменување, неопходна е измена и на наставните планови и програми што се под директна ингеренција на Бирото за развој на образованието, ако се работи за општообразовни предмети – објаснува Велева.
Со новите измени и дополнувања од Законот за учебници за основно и за средно образование, на Педагошката служба ѝ било овозможено да почне процес за ревидирање на учебниците. Појдовна точка била анкета спроведена меѓу наставниците, а целта била да се сублимираат нивните размислувања, да посочат забелешки и конкретни укажувања.
– Во зависност од тоа што го добивме како информација, така можевме и да реагираме – објаснува Велева.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми и Вања Велева, директорка на Педагошката служба при МОН
Комисиите констатирале дали предложените измени се во согласност со наставните програми и не претставуваат повеќе од 30 отсто од содржината на учебникот. На прашањето зошто не се направени корекции во учебникот по македонски јазик за второ одделение, каде што има многу печатни и технички грешки (во употребата на голема и мала буква, интерпункциски знаци), Велева објаснува:
– Конкретно за тој учебник не добивме никакви забелешки или укажувања од наставниците. Тоа подразбираше позитивен сигнал дека за овој учебник не се потребни промени – вели Велева.
На прашањето дали се согласува со ставот дека поделбата на изучување на јазикот од литературата ќе даде повидливи резултати, Велева смета:
– Како книжевник, надвор од сегашната моја професионална поставеност, сосема е коректно оваа укажување, имајќи предвид дека на терен нештата стануваат појасни зашто бараат директна импликација.
Во програмите за осново образование засега нема реформи
Од Бирото за развој на образованието информираат дека во моментов се прави нова програма за македонски јазик за средното стручно образование. Оваа пилот-програма почнува годинава само за неколку струки од областа на градежништвото, електротехниката и угостителството.
– Овие струки се со четиригодишно траење. Програмите за нив, за втора, трета и за четврта година се во фаза на подготовка. Што се однесува до програмите во основното образование, засега во нив нема промена – објаснуваат од Бирото.
БРО: Јазичните компетенции учениците ги здобиваат преку говорење, читање и пишување
На прашањето дали шест часа неделно од прво до трето одделение реално носат квалитет во совладувањето на јазикот, од БРО велат дека јазикот на кој детето зборува и се образова е основната алатка преку која ги изразува своите мисли и чувства.
– Оттаму потребата да се работи најпрво на говорниот дел од јазикот, а потоа и на пишаната форма. Добриот познавач на стандардната форма на јазикот е по правило и добар ученик по кој било предмет за кој ќе покаже поголем интерес и афинитет. Програмата е полна со содржини кои наставникот треба на креативен начин, осмислувајќи соодветни активности за развојниот период на учениците, да го развива јазикот во неговата говорена и пишана форма. Секоја наставна програма по мајчин јазик, во која и да е земја или концепција, е вклучена со секојдневно изучување на овој предмет, особено во почетните одделенија – велат од БРО.
На прашањето дали поддржуваат поделба на изучување на јазикот од литературата, тие велат дека делењето на јазикот од литературата не е прашање што може да се одговори со да или не. Литературата не постои без јазикот, а јазикот се вежба низ литературата, која по правило држи до стандардната форма.
– Јазичните компетенции (тоа е широк распон од компетенции, од комуникација до креативно пишување) учениците ги здобиваат преку говорење, читање и пишување. За вежбање на сето тоа, како извор се користат различен вид текстови. Изразувањето ставови и мислења, раскажувањето и прераскажувањето се тесно поврзани со правоговорот и правописот (доколку користат пишана форма) со богатењето на лексичкиот фонд, со правилна синтакса и збороред и така натаму. Учениците не се ни свесни колку тие подрачја со различните теми во нив се надополнуваат едно со друго. Сите ние треба повеќе да се трудиме да им ги доближиме содржините на учениците без разлика од кое подрачје е тоа: јазик или литература – велат од Бирото.
912