Во екот на глобалната пандемија, кога бројот на заразени во САД расте со голема брзина во споредба со другите делови од светот, некои Американци реагираат бесно на барањата од центрите за заразни болести, контрола и превенција за носење маски во борбата против ширењето на коронавирусот. Како што потенцираат истражувачките центри, носењето маска стана партиска работа, што го објаснува фактот зошто 9 проценти од возрасните велат дека ретко носат маска, а 7 проценти воопшто не ја носат.
Сега, новите мајки ги споделуваат своите искуства со носење маска за време на породувањето како напор да ги охрабрат другите да го покриваат лицето кога излегуваат надвор. Јаи Кершнер, мајка и водител на радио од Кларксвил, Тенеси, напишала на „Твитер“ дека носела маска 38 часа за време на породувањето, царскиот рез и заздравувањето. Според „Добро утро Америка“, Крешнер, која родила син на 18 јуни, имала астма, а таа и нејзиниот сопруг носеле маски на лицето од времето кога влегле во болница до времето кога биле отпуштени, вкупно 5 дена.
Крешнер изјавила дека била инспирирана да го напише твитот откако дошла дома од болница и видела дека луѓето се жалат, па порачува: „Ако не ви е удобно да бидете околу луѓе што не носат маски, тогаш не излегувајте надвор. Не носите маска само за себе, туку за да се заштитите меѓусебно. Сега треба да се сакаме и да се почитуваме на секаков начин, облик и можна форма“.
Таа продолжува: „Маската не е непријатност. Не е крајот на светот. За оние што се жалат кога одат во продавница и маркет – треба да ја носите маската 20 или 30 минути. Тоа е во ред, не е ништо страшно“.
Џулија Кајт-Лејдло родила близнаци со итен царски рез во Њујорк во мај. Носела заштитна маска 4 дена во болница, а потоа и следните 2 недели ги поминала со маска кога ги посетувала своите близначиња во единицата за интензивна нега на гинекологија.
Објаснува дека била мотивирана да носи маска откако помислила дека лекарите и медицинските сестри „поминуваат низ пекол“. Таа си помислила: „Ќе направам како што ќе ми речат. Никој не ги поставува овие барања за на луѓето да им биде непријатно. Го прават тоа бидејќи сме во ек на пандемија низ која никој порано не поминал“.
На социјалните медиуми се објавуваат низа приказни и барања, не само од новите родители, туку и од нивните пријатели и членови на семејствата.
Што може светот да научи од овие мајки
Истражувачите велат дека носењето маска е најефективна метода. Се смета дека смртните случаи во САД може да стигнат и до 180 илјади до октомври, се предвидува и дека околу 33 илјади од тие смртни случаи може да бидат спречени ако 95 отсто од граѓаните носат маски. Сепак, некои Американци одбиваат бидејќи им е „непријатно“. Јасно е дека овие луѓе треба да ги земат предвид приказните на новите мајки и да ги следат нивните стапки.
Автор: Мареса Браун