Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 5,5-годишен син кој е социјализиран, воспитан, сака да се дружи и да им помага на другите. Пред 1,5 година доби братче. Во тој период имавме неколку ситуации на лутина (кога му се забранува гледање цртани подолг период од денот и сл.), почнува силно да вреска, да писка, да фрла разни предмети… Понекогаш го оставам сам да се смири, но забележав дека тоа само ќе ја влоши состојбата, понекогаш се трудев да го смирам со гушкање (ме туркаше од себе), со разговор и дефокусирање (некогаш успева некогаш не.) Овие испади најчесто се јавуваат кога е изморен и му се спие. Пробувам да го легнам во тој момент, но најчесто одбива. Го прекинав гледањето цртани и се насочив повеќе кон прошетки и игри, но кога треба да одам на работа, веднаш го бара телефонот од баба му за да игра игри и доколку не му го даде, почнува да вреска и фрла сѐ пред себе. Која е причината за неговите испади и како да постапам?

ОДГОВОР: Зад секое однесување стои некоја емоција, а зад секоја емоција се крие некоја потреба. Кога ќе го насочиме вниманието кон таа потреба, а не кон однесувањето, ќе можеме полека да ја решаваме и причината, а не последицата.

Оваа голема и значителна промена во вашите животи морала да помине со некои поголеми или помали турбуленции во процесот на приспособување, без разлика што вие како родители сте се труделе што повеќе да му посветите внимание на вашето поголемо дете, тоа сепак мора да ги проживее и да ги прифати овие промени само. Од друга страна, поради овие причини родителите во многу случаи стануваат попопустливи, границите не се толку цврсти, доследноста понекогаш се губи, само со цел детето да не почувствува дека мама и тато не му посветуваат доволно внимание или дека помалку го сакаат.

Најдлабоката потреба на детето е да припаѓа и да ја чувствува приврзаноста со своите родители. Кога таа приврзаност се чувствува загрозена, детето паничи, ја губи способноста да остане смирено и прави сѐ што е потребно за да ги привлече своите родители. Иако ова звучи манипулативно, тоа е длабока и несвесна потреба. Детето дава сѐ од себе за да му припаѓа на семејството.

Во овој период на промена, исто така, може да се чувствува љубоморно, луто, збунето и да се однесува на негативни начини, како што се удирање, фрлање, да беснее или да се повлекува од своите вообичаени активности.
Од друга страна, однесувањето што го опишавте, или тантрумите обично се случуваат кога детето е гладно, уморно, кога чувствува некоја непријатност или фрустрација.

Во исто време на оваа возраст децата почнуваат да развиваат поголемо чувство на независност и индивидуалност, што понекогаш може да доведува до поголема појава на фрустрација и гнев.
На малите деца им недостигаат физички, моторни и јазични вештини за да комуницираат и да го добијат она што го сакаат, што разбирливо може да доведе до фрустрација.
Земањето на мобилниот телефон е многу голема фрустрација за него и поради тоа ќе ги употреби сите свои сили и начини како да го добие тоа што го сака. Телефонот за него претставува големо задоволство, а кога му се брани тоа, го фрустрира и поради недоволно изградените начини на комуникација и неможноста на друг начин да искомуницира, ги употребува начините што му се најпознати.

Во време кога се случуваат овие испади не може баш толку многу да се реагира или да се промени однесувањето на детето. Би требало да почекате да престане и да се смири за потоа да разговарате и да ги рефлектирате неговите чувства. На пример; „Можам да видам дека си лут во моментов“ или „Се натажи бидејќи…“
А потоа зборувајте и за вашите правила и граници на однесување, за тоа што смее, а што не, на пример: „Не е дозволено фрлање на разни предмети, не е дозволено удирање“ (ако има потреба од удирање да удира перница, длабоко да дише или да брои до 10).

Охрабрете го отворено да комуницира, да ги искаже своите чувства и фрустрации, а вие слушајте активно и обидете се да ја разберете ситуацијата од неговата перспектива.
Охрабрете го кога прави нешто добро, кога ви помага, пофалете го за сите свои напори, бидете добар пример за него.

Што се однесува до казнувањето, тоа само може да го зајакне негативното однесување и да ја влоши ситуацијата. Ако однесувањето на вашето дете е опасно или штетно, отстранете го од ситуацијата и дајте му тајмаут за да се смири.
Поставувањето здрави граници е важен аспект од воспитувањето на децата. Тие им помагаат на децата да се чувствуваат сигурно и да разберат што се очекува од нив.
Bидете трпеливи и верувам дека вашето дете ќе расте во сигурна средина полна со љубов.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X