Иле Михајловски е одделенски наставник во „Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Тој е и еден од најдобрите избрани на Балканска конференција на наставници од екс-ју државите. Оваа порака им ја прати на своите ученици и на нивните родители, а им посака и што поскоро да ги наполнат училиштата и да им се радува што се деца, живи, здрави и среќни
Ова се денови кога наместо да ја учиме лекцијата за вредноста на ЖИВОТОТ, го учиме спротивното! А ќе речеме, ВОЗРАСНИ сме! Често се срамам, многу повеќе од возрасните отколку од децата!
Е за нив ми се пишува и зборува токму сега! За децата и состојбата во која сега живеат и растат. За тоа колку нивната психа и ум може да се носат со нешто од кое возрасните се преплашени. Наставникот во мене нема да зборува за онлајн-учењето, за онлајн-часовите што ги сработил, споделил или не, за работењето во еден куп групи по социјалните мрежи и работно време кое почнува од утро и завршува до ноќ. Душа не дава да речам дека тоа е најважно!
Оти не е!
Не е, оти не можам, а да не помислам на сите деца по руралните средини што немаат К од компјутер, И од интернет, Т од телефон. За децата што немаат Х од храна, П од покрив над глава, Г од греење (оти сè уште пролетта си игра со зимата)! За децата што немаат родител/и, па од малечки го учат животот, а не училиштето. За децата што го одржуваат домот, чистат, готват, оти се сами или како деца се грижат за возрасните и изнемоштените. За децата со попреченост кои не го разбираат поимот вирус, Ковид-19, полициски час, забрана за излегување, онлајн-учење, сликана домашна задача! За децата што просат по улиците, оти најважна им е сувата корка леб или подадената рака, која сега ептен нема кој да ја подаде. За децата што се грижат за братчињата или сестричките додека родителите заработуваат за насушен леб. За децата што го гледаат плачењето на родителите кои останале без работа и не гледаат излез од состојбата!
Душа ме боли што морам да им речам на сите деца.
СЕГА НАЈВАЖНО Е ДА УЧИМЕ ЗА ЖИВОТОТ!
Да, животот е највредното нешто што го имате! Колку и да е тешко, сега најмногу за него треба да учите! Да ја разберете неговата вредност и неговата важност. Оти без него, што друго е важно? Затоа, ова време додека седите дома учете:
– Колку е важно се да се дели;
– Колку е важно да се обидувате секој ден да бидете самостојни и независни;
– Колку е важно да помагате во домот;
– Колку е важно да се грижите за своето здравје;
– Колку е важна вашата улога за семејството да биде извор на љубов и сигурност.
Многу работи се важни за да има насмевка на вашето лице! Ама за таа насмевка да ја има, не се секогаш потребни мама, тато, најблиските, наставниците, туку ВИЕ!
Затоа, драги деца, не дозволувајте стравот од вестите што ги слушате дома секој ден, оти вашите родители го прават тоа, да се всели во вашите мали главчиња! Искористете го ова време кога сами ќе откриете колку сте можеле, а не сте знаеле!
Секое утро сами наместете го креветот и не разочарувајте се ако првите обиди не се успешни!
Направете си сами ужина, знам дека МОЖЕТЕ!
Помогнете ѝ на мама во местењето на масата додека го подготвува ручекот!
Фрлете го ѓубрето во контејнерот, тоа не е толку тешко како што изгледа!
Помогнете во миењето садови, во спростирањето алишта, средување на собата!
Сами грижете се за својата облека во шкафчето!
Обидете се сега додека сте дома да ги правите овие работи наместо: „Дај ми да јадам“, „Ми се пие вода“, „Кај ми е тренирката, ме мрзи да одам до продавница“…
Обидете се сами, знам дека МОЖЕТЕ!
Сега имате време да читате, да цртате, да играте многу работи што не бараат компјутер, а кои ќе ви кажат дека МОЖЕТЕ! Бидете им насмевка на вашите родители, така тие ќе бидат вашата насмевка! Иако сте мали, токму со вакви мали работи ќе го истерате стравот и од себе и од возрасните!
Животот е убав и со малку! Ако домот е исполнет со љубов, ѕидовите не се затвор, туку сигурност!
Ова е нешто што сега најмногу треба да го научите!
Наставниците се секако тука, училиштата се секако тука!
Сите испуштени работи од училиштето ќе се надополнат, секое знаење ќе се постигне, ако сме ЖИВИ И ЗДРАВИ!
Затоа, сега најмногу вложете во ЖИВОТОТ И ЗДРАВЈЕТО!
Оти без него бадијала ни е сè што може да се купи со пари!
БИДЕТЕ МИ ЖИВИ И ЗДРАВИ!
А јас, како и вие, едвај чекам да се наполнат училниците, да се наполнат училиштата и да ви се радувам што сте деца, живи, здрави и среќни.
Слични содржини:
Иле Михајловски, наставник: Не е тешко да направиш добар ученик колку што е тешко да направиш човек!
912