Чувствителните деца, како што кажува и самото име, се многу посензитивни на луѓето и ситуациите околу нив. Ако мислите дека вашето дете можеби е многу чувствително, проверете ги овие девет знаци карактеристични за таквото однесување.
Реагираат многу емотивно
Чувствителните деца често реагираат многу емотивно. Најобична ситуација, како одењето во продавница за миленичиња, може да предизвика емотивна реакција поради животните во продавницата. Овие деца се со многу нежно срце, поради што често ќе сочувствуваат со другите околу нив.
Поради емпатијата, и самите ќе се чувствуваат тажни ако другите околу нив се тажни и ќе дадат сè од себе да им помогнат на оние на кои им е потребна помош. Можеби понекогаш ќе помислите дека премногу се грижат за другите и дека сакаат да ги решат туѓите проблеми.
Често размислуваат за неуспех
Високо чувствителните деца размислуваат за длабочината на проблемот многу почесто од нивните врсници. За чувствителните деца, лошата оценка на училиште или лошиот цртеж нема да бидат само тоа, туку тоа ќе ги натера да се запрашаат зошто не ја сфатиле својата грешка порано. Овој вид размислување може да резултира со стрес и анксиозност на долг рок.
Сè сфаќаат лично
Ако вашето дете е чувствително, често ќе се случува да го сфаќа премногу лично сето она што се случува околу него. Дури и ако нешто не важи за него, тоа првично ќе помисли дека сè што е кажано е насочено кон него и дека тоа важи за неговото однесување. Затоа на родителите им се советува да не ги споредуваат чувствителните деца со другите. Споредбите би можеле да им порачаат дека очекувате повеќе од нив, што ќе ги натера да претеруваат затоа што ќе сакаат да ве импресионираат.
Тешко носат одлуки
Заедничка особина на високо чувствителните деца е тешкото донесување одлуки. Сѐ додека не разгледаат разни детали и можности, нема да можат да донесат одлука. Дури и во наједноставните ситуации, понекогаш им е тешко да се одлучат, на пример, кој вкус на сладолед да изберат или кој да им биде партнер за друштвена игра.

Тие се чувствуваат виновни
Ако децата имаат чувство како да донеле погрешна одлука, тие ќе се чувствуваат многу виновни. Премногу ќе размислуваат за причините што довеле до таа одлука и што и да им кажете, нема да предизвика да престанат да размислуваат за грешката, додека не се помират со неа.
Добро ги читаат луѓето
Чувствителните деца имаат силно чувство за набљудување и читање на луѓето. Ги набљудуваат карактерните црти на луѓето околу нив и врз основа на она што го гледаат, одлучуваат за каква личност се работи.
Сакаат животни
Децата што се чувствителни често развиваат посебна врска со животните на кои целосно им веруваат. Тие ги гледаат животните како вистински пријатели и, колку што можат, се грижат да се задоволат сите потреби на животните.
Се чувствуваат одговорни и ги признаваат своите грешки
Ваквите деца постојано се оценуваат себеси, а доколку згрешат, ќе признаат и ќе анализираат зошто дошло до грешката. Тие ги држат своите емоции под контрола колку што можат, но понекогаш се распаѓаат и се чувствуваат подобро откако ќе заплачат или ќе се доверат на блиска личност.
Многу размислуваат за сè што прават
Чувствителните деца размислуваат многу и посветуваат големо внимание на сè. Многу родители ќе се согласат дека премногу размислуваат дури и за тривијални работи. За да добијат одговори, ќе поставуваат многу прашања и ќе се грижат за туѓите чувства. Се смета дека размислуваат надвор од својата возраст, што понекогаш доведува до тоа да се чувствуваат погрешно разбрани од оние околу нив.