Игротека

Ако детето има активности секоја вечер во неделата, тоа е премногу оптоварено

Oтсекогаш постоеле aктивности надвор од училиштето и отсекогаш претставувале нешто со што децата се забавувале. Но, додека некогаш имало само една активност неделно или најмногу две, со текот на времето тоа се претвори во постојано трчање од една активност на друга. Некои деца тоа навистина го сакаат, некои не сакаат ниту да слушнат за тоа, а понекогаш родителите се тие што ги поставуваат правилата што мора безусловно да се почитуваат.

Секое дете има различен праг на толеранција кон ваквите обврски. Некои можат да поднесат многу, дури и премногу, а други не – поради замор, недостиг на желба или други причини. Не е лесно да се пронајде вистинската мерка што ќе им одговара на сите.

– Децата се преоптоварени – предупредува педијатарот Дајан Хес, која е и мајка на две деца и во својата ординација често гледа деца со толку натрупан распоред што немаат време за креативна игра, одмор или доволно сон.

– Тоа не е само проблем на богатите семејства. Децата се претоварени. Често земаат мелатонин затоа што немаат време да се опуштат пред спиење – вели Хес.

Нејзини совети за родителите

Бидете реални во врска со активностите

– Педијатар сум повеќе од 20 години и често слушам родители кои очекуваат нивното дете да освои спортска или музичка стипендија. Вистината е дека тоа им успева на многу малку деца, а раните тренинзи и часовите чекање само создаваат непотребен стрес – објаснува таа.

Не споредувајте се со другите

Социјалните мрежи поттикнуваат натпревар кој има „понапредно“ или „поуспешно“ дете. Ако видите пријатели чии деца постигнуваат резултати на натпревари, не брзајте веднаш да го пријавите и вашето дете. Наместо тоа, изберете активности што го исполнуваат и му причинуваат задоволство.

Дозволете им на децата да кажат „не“

– Кога ќерка ми имаше четири години, ја запишав на танц, но набрзо ми рече дека не ја интересира. Ја оставив да експериментира со различни спортови додека не го пронајде она што ѝ одговара. Разговарајте отворено и покажете разбирање за нивните желби, за да не се плашат дека ќе ве разочараат – вели Хес.

Задолжително имајте барем една слободна вечер

– Во нашето семејство петоците навечер се без никакви обврски. Тоа е неопходно за заедничко опуштање и зајакнување на семејните врски. Правилото од една до најмногу две вонучилишни активности истовремено помага да се одржи рамнотежа – вели таа.

Заборавете на поделбата „спорт или екран“

Многумина мислат дека ако детето не тренира, автоматски ќе седи пред таблет. Но, тоа не мора да биде така. Поттикнете го на читање, цртање или игра на отворено. Слободното време без екрани и без строга структура е исто толку важно за нивниот развој.

Извор

Поврзани написи

To top