Жена која очекува близнаци ја споделила потресната реалност за тоа колку тешко може да биде првото тримесечје кога сте вработени.
Лина Јусефи е адвокатка, а на „Линкдин“ споделила моќно потсетување дека бременоста е сериозна здравствена состојба и треба да се третира како таква. Таа моментално е бремена со близнаци и се нашла во ситуација низ која поминале многу вработени мајки.
„Последниве два месеца бев принудена да лежам в кревет наутро облечена за работа, а не можев да се движам, да размислувам или да функционирам. Се будам во постојана состојба на хронична депресија, мачнина, аверзија кон сѐ, со мигрени кои ме онеспособуваат, а јас дури и не се чувствувам среќна, што е една од најстрашните работи што сум ги почувствувала“, напишала таа во емотивниот текст придружен со фотографија на која лежи на кревет.
„Да се биде бремена со близнаци е најтешкиот физички предизвик низ кој сум поминала во животот“, напишала таа.
Продолжува да зборува за тоа како се очекува речиси сите бремени жени да работат во текот на првото тримесечје, што често е доста бурно време.
Сопственото искуство ја принудило да ја промени политиката на нејзината компанија
„И тогаш се прашуваме зошто стапката на спонтани абортуси е астрономска и зошто често се поврзува со стресот. Потребата од одмор за буквално да се создаде нов живот – срце, мозок, органи, често се третира како одмор или, во најдобар случај, неплатен ден. Кај најранливите, нашата безбедност е загрозена ако не станеме и не се присилиме да работиме за да заработиме пари за нашите семејства. Или се жртвуваме или ја ризикуваме нашата финансиска сигурност“.
Јусефи признава дека поради нејзината положба на работа, има среќа што може да лежи в кревет поголемиот дел од времето и да ги прави паузите што ѝ се потребни. Но, таа знае дека не секоја трудница што е вработена ја има таа можност. Ова ја инспирирало да ја промени политиката на нејзината компанија за бремените вработени да не се мачат на работа.
„Оваа фотографија е направена од мојот сопруг кој ме гледа во ваква состојба речиси секој ден. Јас сум ранлива и ова го споделувам со надеж дека ќе се поврзам со оние мажи и жени што морале да поминат низ ова, но не можеле да се изјаснат, од страв да не изгледаат слаби или да не си ја загрозат работата“, вели адвокатката.
Својата објава ја завршува со повик до сите работодавци да поработат на правилата поврзани со бременоста.
„Ајде да ги преиспитаме суровите стандарди на кои ги подложивме жените и да создадеме свет во кој нашите деца нема да треба да избираат помеѓу работа и да бидат луѓе“, заклучила таа.
Само стресот веројатно нема директно да предизвика спонтан абортус
Имајте на ум дека ниту една голема студија не покажала директна врска помеѓу стресот и причината за спонтан абортус, но некои студии покажале индиректна врска, што може да сугерира дека стресот може да биде потенцијален ризик-фактор за губење на бременоста. Но, само стресот веројатно нема директно да предизвика спонтан абортус.