Учениците годинава нема да добијат нови уреди иако наставниците по информатика предупредуваа дека часовите се вистинска импровизација и дека опремата од претходниот проект веќе не им е од никаква корист
Во буџетот за образование за 2019 година нема предвидено пари за проект кој би требало да биде наследник на проектот „Компјутер за секое дете“, информира денеска на брифинг со новинарите министерот за образование и наука Арбер Адеми. Учениците годинава нема да добијат нови уреди иако наставниците по информатика предупредуваа дека часовите се вистинска импровизација и дека опремата од претходниот проект веќе не им е од никаква корист.
– Во насока на дигитализација на наставата, заедно со Министерството за информатичко општество и администрација, работиме на проект за подобра поврзаност со интернет меѓу училиштата, но пари за нови уреди за учениците нема. Идејата за компјутери на училиште е добра, но при реализацијата на претходниот проект имаше потфрлања, па затоа за некој следен сличен чекор би се консултирале со експерти во областа, за да не ни се случат грешки повторно – рече Адеми.
„Деца.мк“ неодамна пишуваше дека голем број од основците во Македонија не користат компјутери зашто се дотраени и нефункционални, а наставниците се принудени да се снаоѓаат и да импровизираат за да можат да го предадат материјалот предвиден со наставната програма. Наместо компјутери, децата на часовите често ги користат своите смартфони за полесно да најдат нешто што им е потребно.
912