Адела Добриќ е магистер за воспитувачки науки од Травник, Босна и Херцеговина, а е вработена како воспитувачка во градинката „Травник“. Веќе две години го ужива статусот на една од најиновативните наставнички во категоријата воспитувачи за деца на претшколска возраст во Босна и Херцеговина, кој го доделува Центарот за образовни иницијативи „Чекор по чекор“ во земјата.

Адела смислила кукла која се вика Аделина. Тоа е кукла од ткаенина која ја дизајнирала пред три години, висока е 100 сантиметри, тешка 700 грама и е составена од 50 дела. Ова е нејзината приказна:

„Еден ден  ја донесов Аделина во градинката. Децата се воодушевија. Веднаш се собраа околу мене, како што прават кога ќе видат нешто интересно, и ми поставија безброј прашања. Тие веќе знаеја дека правам кукли и некои од нив ги имаа во своите домови. Ги интересираше како ги правам, кој ме научил како се прават кукли, сакаа да ја допрат (може ли јас, може ли јас…) .И во тој метеж гледајќи дека сите ја сакаат во истиот момент само за себе, добив идеја да почнам еден проект во кој ќе учествува секое дете со неговото семејство и, се разбира, куклата Аделина.

Идејата беше следната: Аделина секој петок ќе оди кај некого на гости и ќе се враќа во понеделник во градинката. Секој петок ќе „напише“ писмо кое има наслов од името на детето (на ова претходеше договор со родителите за кој децата не знаеја ништо за изненадувањето да биде уште поголемо). Тука е и дневникот кој го нарековме „Кукларницата на Аделина“ во кој родителите ги бележат занимливостите од своето семејство и настаните што се случуваат во текот на викендот.

Во текот на планирањето и реализацијата на овој проект имав дилеми и малку страв околу тоа како ќе реагираат на куклата родителите на момчиња. Ние, возрасните, правиме вештачки поделби на „машки“ и „женски“ играчки, што е традиционална поделба на самите играчки и го ограничува кај децата развивањето на позитивни и пожелни човекови особини, како што се нежноста, грижата, емпатијата, алтруизмот… Меѓутоа, на мое големо задоволство, немаше потреба од таков страв.

Момчињата, како и девојчињата, со задоволство ја носеа на различни места на кои одеа со своите родители. Така, Аделина беше на тенис, на роденден, чистеше снег, на базен, во хотел, на Влашиќ (преубава планина покрај Травник), во шопинг, во кугларница, на велосипед, на маса за време на ручекот, на настап, на курс за танц и англиски јазик, дури и останала сама дома со децата додека мајката морала итно да оди на лекар, ги запознала сите можни роднини, била на работа кај мама… и во секој кревет во текот на ноќта во детска прегратка.

Сето тоа траеше 34 викенди, бидејќи во групата има 32 деца. Два викенда Аделина ги помина кај колешката со која работам и кај мене. Така децата и нивните родители можеа да прочитаат и да видат на фотографиите како нивните воспитувачки го поминуваат слободното време и со кого живеат. Исто така, имаа шанса да се запознаат едни со други додека Аделина со својот дневник е кај нив на гости и кога во понеделник им ги читам забелешките во дневникот и им покажувам фотографии. Дневникот на Аделина се прелистува безброј пати.

фотоизвор: zelenaucionica.com

Кога организацијата „Чекор по чекор“ распишала повик за пријавување иновативни практики, одлучив да го пријавам овој проект. Номинирана сум меѓу 10-те најиновативни воспитувачки во Босна и Херцеговина во 2018 година, со иновативна пракса со наслов „Кукларницата на Аделина“. Иновативната пракса е интересна затоа што е основа и е првата официјална кукла во Босна и Херцеговина. Сакав да направам нешто за децата и за себе. И за струката, која денес е на маргините, бидејќи претшколското воспитување уште се смета за трошок на општеството, а не најважната и првата алка во системот на образованието. Радоста на создавање ја споделив со децата со кои секојдневно работам и правам сѐ за да станат добри, вредни, креативни луѓе.

Многу е важно кај малите деца да се почне со поттикнување и развивање на културните и работните навики, како и симболично наградување на постигнатите резултати – бидејќи материјалните награди по кои многу родители посегнуваат имаат краткотрајно дејство“.



912

X