Зошто денес не е лесно да се одгледуваат деца и зошто родителите „брзаат“ нивните малечки да пораснат – се запрашува Јелена, мајка на две девојчиња.
„Велат дека на своето дете, колку и да има години, секогаш ќе гледаш како на дете. Вистина е. Само, ми изгледа дека во последно време некако тоа помалку го гледаме, ако детето почне што поскоро да се однесува како возрасно.
Родителски состанок пред зимскиот распуст кај мојата ќерка која има десет години. Темата беше купување новогодишни пакетчиња, кои учителот облечен во Дедо Мраз би им ги поделил на последниот ден од училиштето. Се договараме ова да остане изненадување за децата. Но, се јавуваат неколку мајки: А не се малку големи за пакетчиња?
Вилицата ми остана на подот. ГОЛЕМИ? Реално, ни јас не сум премногу голема за пакетче.
Постарата ќерка, осмо одделение. Прашање за нас:
– Кога ќе може да излегувам?
– Кога ќе тргнеш во средно.
– Зошто?
– Затоа што, пиле наше, кога така убава и сè уште наивна, ќе се дотераш, не изгледаш како да имаш 14, туку барем 17 години. Па замисли, одиш во некој клуб, а таму ти приоѓа некој од 20 години, можеби пијан, кој не знае, ниту го интересира, колку години имаш. Почнува да ти додева, да ти се додворува, станува упорен, несоодветно се однесува. Кој ќе те одбрани од тоа? Тоа што умееш да го кренеш носето и да имаш арогантен став кај таквите не помага, само уште повеќе ги привлекува…
Нè гледа бело и веќе знам што ќе рече.
– Но, сите мои пријателки излегуваат! Целото друштво, најголемиот дел од одделението! Само јас седам дома…
Знам дека тоа е вистина. Не ги обвинувам децата, само не ги разбирам родителите. Ги гледам јас нејзините врснички, од шесто одделение имаат ставено нокти, одат на професионално средување на веѓите, депилации, се облекуваат како веќе одамна да ги изгубиле јајчниците…
Не сум заостаната. Знам дека не можам од адолесценти да направам бебиња, знам дека исто така и девојчињата од десет години утре ќе станат луди тинејџерки. Само не разбирам каде брзаме? Зошто ги присилуваме, со тоа што им дозволуваме телото да им биде барем две години пред умот? Тоа што звучат како возрасни, не значи дека навистина се. Доволно е да ги погледнете в очи. Таму се согледува оној љубопитен, искрен и на моменти збунет детски поглед… Штета е ако толку брзо се изгуби.
Автор: Мама Јелена