Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка ќе полни две години, но сѐ уште не зборува, освен понекој збор. Многу е нервозна, многу вреска и писка. Разбира кога ќе ѝ кажеш наредби и ги извршува, се врти кога ќе ја викнеш по име. Ме загрижува тоа што многу често се држи за ушите, си ги затнува кога одиме на доктор, кога ќе види некој непознат или кога гледа ТВ. Ја носевме на ушно и докторот ни рече дека е многу исплашена од нешто, па за тоа така прави. Исто така, ја носевме и на психолог, но ни рече дека сѐ уште е мала за точна дијагноза. Таа мисли дека има доцнење во развојот, а да напоменам, мислам дека е исплашена од тоа што лежевме во болница кога доби бронхитис, а досега три пати лежеше во болница и нонстоп е по доктори. Ве молам за совет што и како понатаму.
ОДГОВОР: Вашето девојче расте и се развива и е на возраст кога почнува да го истражува светот околу себе, а од друга страна, можеме да кажеме дека почнува периодот на „невозможните две години“.
Овој период се карактеризира со значителни развојни промени и може да претставува голем предизвик како за децата така и за родителите.
Говорните вештини во овој период кај многу деца не се многу развиени, а доживуваат чести и интензивни изливи на бес како начин да ја изразат својата фрустрација, да ја потврдат својата независност или да се справат со огромните емоции, поради тоа врескаат, плачат, маваат и тоа е нивниот начин како да се изразат.
Исто така, во овој период децата може да доживеат анксиозност кога се одделени од родителите. Ова може да се манифестира како прилепување, вознемиреност за време на разделбите или тешкотии при приспособување на нови средини или луѓе. Бидејќи рековте дека вашето дете сѐ уште го нема развиено говорот, фрустрацијата од неможноста да ги изрази своите потреби и желби води кон тоа таа да вреска и писка, а затворањето на ушите може да сигнализира дека таа се соочува со некоја непријатност или фрустрација како одговор на некоја ситуација.
Може да се случи тоа да е нејзиниот инстинктивен начин да бара утеха или да ја намали сензорната стимулација во овие ситуации. Доколку вашиот педијатар ви кажал дека со нејзиниот слух сѐ е во ред, пред да посетите лекар или да наидете на нова ситуација со средба на некој непознат, објаснете му на вашето дете што да очекува со едноставни зборови.
Кажете ѝ дека сте тука и дека нема од што да се плаши. Во исто време вербализирајте ги нејзините чувства „Се уплаши…“, „Се израдува…“ итн.
Постепено изложувајте ја на нови искуства и луѓе. Научете го вашето дете на соодветни начини да ги изрази своите чувства и стравови. Охрабрете ја да користи зборови наместо да ги затвора ушите. Читајте сликовници, именувајте сѐ што работите и покажувајте на предметите.
Воспоставувањето дневна рутина, кога јаде, спие, игра, ќе ѝ помогне да има структура и чувство на сигурност. Почнете да ѝ давате да одбира за да се почувствува посамостојна и дека има контрола, на пример, наместо да кажете „Облечи ги чевлите“, можете да прашате: „Дали сакаш да ги носиш црвените или сините чевли?“
Поставувајте јасни и реални очекувања користејќи едноставен и соодветен јазик за нејзината возраста, избегнувајте долги и преопширни објаснувања, и секогаш пофалете ја и наградете ја користејќи зборови како „браво“, „како добро го направи ова“; „многу ме израдува што…“
Играјте со неа, посветете ѝ време, постојано стимулирајте ја со различни игри и предмети, играјте игри надвор заедно, а сѐ помалку да седи на мобилен и да гледа телевизија.
Покажете му на вашето дете како да комуницира со непознати или како смирено се справувате вие во некои стресни ситуации. Децата учат набљудувајќи го однесувањето на родителите, доколку вие сте уплашени, и таа ќе биде.
Доколку и понатаму чувствувате дека нема напредок во развојот на говорот, би било добро да посетите логопед.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912