Што ќе се случи со детскиот мозок ако изумре пишувањето? И тоа не пишувањето букви и зборови на тастатура, телефон и таблет, туку ракописното пишување во тетратка, на лист хартија со молив или пенкало. Психолозите и наставниците, но и понови истражувања на оваа тема, даваат застрашувачки изјави и резултати дека така се „убива“ креативноста на децата, моторичките, но и интелектуалните способности на учениците.

По најавите на Финска дека ракописното пишување ќе стане само факултативна обврска на учениците, а и тоа што САД не бараат од учениците да го владеат ракописното пишување, се појавија и дилеми како тоа ќе влијае врз способностите на учениците во иднина?

Експерти тврдат дека овие ученици може да останат без креативност, идеи, но и интелектуални способности кои се развиваат токму со вештината на ракописно пишување. За среќа, во Македонија ракописното пишување е обврска на учениците, кои уште во прво одделение учат да ги препознаваат буквите, но и да ги пишуваат. Но, честото седење пред компјутер, пишување со помош на тастатура, таблет и телефон секако дека оставаат последици и врз нашите ученици.

– За домашна задача, но и во училиште, редовно им се дава да препишуваат цели реченици, дури и на најмалите. Писмените задачи, прераскажување лекции, лектири, иако за многу родители изгледа како преголемо оптоварување за децата, сепак, со тоа тие ги вежбаат мозоците логично да размислуваат, учат да се изразуваат. Често на учениците им давам задача сами да измислат приказна, да напишат како си поминале за распуст, на гости, за некој празник и слично. Вака им ја развивам креативноста. Не можам ниту да замислам што би се случило ако се откажеме од ракописното пишување – вели Славица Михајловска, наставничка во одделенска настава.

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, објаснува дека за моќта на говорот сведочи историјата, а во реториката многу често не е важно што ќе кажеш, туку како ќе го кажеш. Таа вели дека говорната интерпретација со правилна дикција на говорот му дава посебна харизма и моќ на убедување, што е предмет на реториката. Ортоепијата сè уште го има атрибутот на магична моќ, но ортографијата изгледа ќе остане запишана во историјата.

– Некогаш првачињата учеа краснопис, сега учат „ компјутеропис“ пред да тргнат во училиште. Секако дека компјутеризацијата има свои силни и олеснувачки страни, но како учителка по македонски јазик имам право да стравувам дека компјутерите, со брзината на сопствената градација, ја туркаат во заборав посебноста на своерачниот ракопис и го деградираат убавото пишување. Калиграфијата или краснописот е веќе раритет, креативните текстови или есеи во нашиот образовен систем ја одржуваат својата виталност благодарение на задолжителните писмени задачи во текот на основното и средно училиште. Испитите по државната матура се компјутеризирани, учениците решаваат задачи со помош на тастатура и глувче, но за есејот се користат пенкало и рака, се реализира рачно и неговото вреднување освен композиција и содржина на текст, третира стил и јазик, што подразбира и ракопис. Кога ученикот мора да размислува за својот правопис без да се потпре на компјутерот, мора да мисли, а кога мисли, значи дека постои пред компјутерот кој треба нему да му служи, а не да го пасивизира. Кога пишуваме на компјутер не мислиме на формата (некој не мисли ни на содржината користејќи „копи пејст“ алатка) и автоматски стануваме мрзливи во својата концентрација – вели Алексиќ. Професорката објаснува дека ракописот не само што е оригинален и неповторлив (впрочем како и одржан говор со очен контакт без да се чита) туку е и важен за откривање на идентитетот на личноста (во форензиката и графологијата) и карактерот (преку ракописот може да понираме во психата на личноста).

– Ова значи дека е исклучително важно обележје на идентитетот или посебноста на човекот, негов кондиционен тренер за ментална самоконтрола, посредник помеѓу умот и моториката на телото. А колку помалку размислуваме, толку повеќе се роботизираме како механизми, а не како индивидуи и креативни битија. Лично, многу се радувам на убав ракопис, го сметам за дарба и вештина и кога учениците пишуваат лектири и писмени рачно напишани со убав ракопис им се радувам и ги наградувам. На пример, тоа, како и низа други „ситници“ не може да се проверат преку екстерното кое со таква погрешно поставена формула за пресметување на објективност видливо ја вознемири тријадата ученик-наставник-родител. Убав ракопис е драгоценост и го сметам за подарок, дури ми е поважен и од содржината на подарокот. На пример, годинава добив рачно напишана посвета од мои блиски пријатели, со калиграфски ракопис на еден моторџија, но еден и единствен во многу нешта, па и во ракописот кој го „издава“ карактерот. Кој би помислил дека алфа волкот на „Ноќните волци“ го краси ваков бајковито красен краснопис – вели Алексиќ.

Што велат светските експерти

Снимање на мозокот со магнетна резонанција покажува дека кога децата пишуваат ракописно, активираат одреден дел од мозокот кој останува заспан кога пишуваат на тастатура, објаснува Луиз Парк, советник за писменост и детски писател. Во едно истражување е утврдено дека деца од прво до петто одделение активираат сосема различни делови на мозокот кога пишуваат букви на тастатура и ракописно во тетратка. Во вториот случај децата побрзо наоѓале зборови да се искажат, имале повеќе идеи, а деловите на мозокот поврзани со работната меморија биле поактивни – вели Вирџинија Бернингер од Универзитетот во Вашингтон.

Кога децата пишуваат ракописно, тие повеќе се внесуваат во материјалот и подобро го сфаќаат, пишува за „Њујорк тајмс“, Сузан Барух Ашерсон, експерт за образование. Таа додава дека на учениците им се потребни различни технологии на пишување за да бидат успешни.



912

X