Голем дел од наставниците, професорите и деканите на факултетите уште во ноември се прашуваа како би изгледал светот со новата технологија наречена „Чет-ГПТ“ и како оваа алатка би влијаела врз образованието.
„Чет-ГПТ“ е бот за генерирање текст, направен од лабораторија за вештачка интелигенција и за брзо време ги воодушеви и истовремено ги исплаши оние што го тестираа за да видат што сѐ може да направи.
Сакате да направите бродвејски мјузикл од националната американска химна? Или потребен ви е есеј од 500 збора во кој ќе објасните зошто матурант сака да се запише на Универзитетот во Пенсилванија? „Чет-ГПТ“ може да создаде импресивни верзии за помалку од 30 секунди.
Неколку дена по лансирањето, луѓето ги прогласија факултетските есеи за „изумрени“, преиспитувајќи ја иднината на образованието кога студентите ќе располагаат со алатка како „Чет-ГПТ“ и ќе ја користат за пишување на нивните домашни задачи. „Њујорк тајмс“ објави дека државните училишни системи во Њујорк и во Сиетл веќе целосно им забраниле на студентите да користат „Чет-ГПТ“.
За исто толку кратко време, идните програмери почнаа да развиваат апликации што може да детектираат текст генериран од вештачката интелигенција, додека Универзитетот во Калифорнија објави соопштение дека ќе ги контактира сите студенти чии есеи не го поминале тестот за технолошки напредна верзија.
Што значи вештачката интелигенција за образованието?
Дали алатките за вештачка интелигенција како оваа ќе имаат влијание врз иднината на образованието? Ако имаат, какво ќе биде тоа влијание? Едукаторите велат дека вештачката интелигенција ќе го промени образованието, но сè уште не е јасно како.
– Ќе мора да научиме како да го користиме бидејќи нема да исчезне. Не мислам дека „Чет-ГПТ“ е нешто што ќе ни предизвика штета. Станува збор за неизбежна алатка. Се сеќавам кога требаше да одам во библиотека и да барам книги за истражување. Сега можам на „Гугл“ да ги пребарам информациите. Или кога користев пејџер пред појавата на мобилните телефони. Светот се развива – вели Лилиан Гилберт, професорка по англиски јазик во средното училиште „Јупитер“ во Флорида.
Гилберт веќе почнала да го користи „Чет-ГПТ“ во нејзината училница така што нејзините ученици ги анализирале одговорите и објаснувале каде одговорот генериран од вештачката интелигенција бил слаб и каде била потребна елаборација.
– Мислам дека може да биде неверојатна алатка за учење – вели таа.
Според Гилберт, прифаќањето вакви алатки со вештачка интелигенција е од суштинско значење за наставниците како неа.
– Ја разбирам загриженоста, но во светот на образованието мора да научиме како да се приспособиме. Наставниците веќе знаат како да го прават тоа. Тоа значи дека треба да бидеме инвентивни, исто како што требаше да бидеме кога се соочивме со ковид-пандемијата, помагајќи им на учениците да растат како критички мислители – вели таа.
Како вештачката интелигенција може да им биде од корист на учениците?
Иако најголемиот страв околу „Чет-ГПТ“ е злоупотребата на оваа алатка од страна на учениците и студентите, дефиницијата за „препишување“ не е секогаш јасна како што мислиме, вели Џонатан Мер, професор и директор на додипломските програми по економија на Универзитетот A&M во Тексас.
Д-р Мер, кој внимателно го следел развојот на „Чет-ГПТ“ како дел од неговата работа за проучување на економијата на образованието, веќе фатил студент кој се обидел да ја искористи оваа алатка за да ја заврши својата домашна задача по економија. Иако вели дека ова е несоодветна употреба на алатката, Мер смета дека студентите би можеле да имаат голема корист од ваквата технологија, секако, со одобрение од професорите.
– Каде е границата помеѓу пријателот што го чита вашиот есеј за да ви даде некој предлог или имањето тутор кој ќе ви каже како да го реорганизирате параграфот, или „Грамарли“ на вашиот компјутер, и сега најново, користење на „Чет-ГПТ“? Овде нема правило – вели тој.
Мер вели дека може да замисли за што би можел да се користи „Чет-ГПТ“ кога станува збор за образованието на децата.
– Не можете да дозволите третоодделенец да ја користи оваа алатка кога пишува есеј. Дали докторанд може да го користи за да напише труд? Не гледам зошто не би можел – вели тој.
„Чет-ГПТ“ може да се користи за дополнување, а професорите и наставниците ќе мора да бидат креативни за тоа како ги структурираат нивните задачи, знаејќи дека постои ваква алатка.
– Тоа значи повеќе работа за професорите, што е проблем – вели Мер.
Џоел Самјуелс Џ, кој е професор по право и декан на колеџот за уметности и науки на Универзитетот во Јужна Каролина, вели дека алатките како „Чет-ГПТ“ претставуваат можност за професорите и родителите да разговараат и отворено да ја критикуваат технологијата како оваа.
– Можете да бидете пасивни кога читате книга или гледате филм со детето. Во тој случај, дозволувате книгата или филмот да го одреди наративот. Или, можете да го искористите тој момент како можност да се поврзете со детето. Можете да го прашате различни прашања поврзани со ликовите и нивното однесување. На ист начин мислам дека ова е можност да се вклучиме со децата за технологијата колку што можеме или колку што би сакале – вели тој.
И Гилберт го гледа „Чет-ГПТ“ како шанса за родителите да разговараат со своите деца за тоа што е важно и која е вистинската цел на образованието.
Како родители, мора да ги научиме на моралот, како и на последиците со кои ќе се соочат ако не размислуваат аналитички. Интегритетот, без оглед дали е академски или друг, е важен во развојот на личноста и карактерот на нашите деца – вели Гилберт.
– Без разлика дали ни се допаѓа или не, овие алатки ќе останат со нас и како што поминува времето, тие ќе стануваат сѐ подобри и подобри. Заклучок? Научете ги децата на чесност и последици, и како да ги користат одговорно – вели Гилберт.
912