Поимот „нарушен вредносен систем“ поради неговата честа употреба стана истрошена фраза, која најчесто се поврзува со негативното влијание на медиумите, политичкиот систем и државата врз развојот на младите. Со погубното влијание на сервирањето лоша музика и лошите примери на младите, како и написите во весниците за нив, се нагласува важноста на лошата економска состојба во земјата, но се занемаруваат два, сепак убедливо најважни фактори: образованието од родителите и образованието од наставниците – педагози.

Домашното образование е секако главната и најважна скала во развојот на младиот човек, а грешките направени на тоа ниво најтешко се исправаат. Меѓутоа, бидејќи учениците од едно училиште доаѓаат од најширокиот опсег на различни семејства, по социо-економски статус, по степен на образование, традиционално-религиозни верувања итн., училиштето е тоа што треба да му обезбеди на секој ученик соодветно образование и поставување на вистинските вредности, а квалитетот секогаш ќе биде препознаен и прифатен.

Родителите може да потфрлат, но училиштето не смее, бидејќи училиштето е екипирано со стручни лица кои со години се обучувале за ова.

Сепак, мислам дека и училиштето има свој удел во промовирањето на лошите вредности и формирањето негативни ставови кај учениците. Меѓу наставниците често ќе ја слушнеме реченицата: „Многу си паметен, но си мрзлив!“, ненамерно изговорена за да се поттикнат учениците. Како директна последица на оваа реченица, кај учениците уште почесто ќе ја слушаме реченицата: „Да учев колку тебе, мојот просек ќе беше 5,00“. Првата реченица служи за да ги мотивира учениците и да ги поттикне да учат подобро, но дали е навистина така во практиката или таквиот пристап некогаш навистина мотивирал некого? Одговорот е – не.

Кога имаме пример за студент кој слабо учи логички природни науки, како што се физиката, хемијата и математиката, но не е подобар кога станува збор за општествените науки, како што се историјата или социологијата, а згора на сето тоа, тој не се истакнува со познавање на англискиот јазик, и покрај неговата незапирлива експанзија во сите општествени сфери, а не знае ни друг странски јазик, мрзливоста секако не е причината за проблемот. Мрзливоста е всушност последица. Во одреден момент секој ученик се труди да ги подобри оценките и односот кон училиштето, но набрзо чувствува голема тешкотија во совладувањето на материјалот и потреба од подолго време за да го постигне резултатот, што целосно го парализира и демотивира за понатамошна работа.

Потоа наставникот стапува на сцената со реченицата: „Многу си паметен, но си мрзлив!“, што на ученикот му дава лажна самодоверба, лажно верување дека оние што постигнуваат подобри резултати на училиште ги поминуваат деновите во учење и затоа пропуштаат забава и дружење – и поттикнува негативен однос кон оние што постигнуваат брилијантни резултати.

Ученикот од горниот пример дефинитивно не припаѓа во учениците со натпросечен коефициент на интелигенција, а таквите лажни уверувања дека е паметен и само мрзлив нема да го охрабрат на вистински начин. Можеме да забележиме дека секој човек, кој е успешен во кој било бизнис, освен она што го работи, обично има некоја друга дарба или посебни вештини. Значи, имаме врвни спортисти кои течно зборуваат неколку странски јазици, доктори кои се талентирани за сликање или за музика, наставници кои професионално играат шах на многу високо ниво итн. Далеку од идеално решение е да му се објасни на ученикот дека нема доволно капацитет, бидејќи тоа би го демотивирало уште повеќе да работи на себе, но потребно е индивидуално да се приспособат барањата на секој ученик. Па и со учениците што се мачат за да постигнат добри резултати треба да се започне со помал обем на работа и материјал што полесно ќе го надминат.

Со тоа ќе се постигне ефектот кој максимално ќе го развие капацитетот на секој ученик, ќе стекне позитивен однос кон работата, како и кон своите врсници. Од друга страна, ќе развие реална слика за себе и за своите способности, бидејќи ќе постигне одредени резултати и во секое време ќе биде свесен за вложениот труд. Тој, исто така, ќе има можност пореално да се споредува со другите и со тоа да стекне способност да размислува рационално и критички за себе.

Заклучокот е дека најлошото нешто што може наставникот да му го направи на ученикот е да му даде задача која е наменета за нивото на знаење за висока оценка, потоа да му запише единица во својот дневник, а следниот ден по стоти пат во својата кариера како педагог, да каже: „Многу си паметен, но си мрзлив!“

Автор: д-р Жељко Раниловиќ

Извор



912

X