Тие треба да бидат дел од секојдневието и образованието на секое дете, но многу е поважно да постои модел според кој секое дете, преку едноставна процедура, ќе може да ја добие потребната поединечна или комбинирана помош

Познавам многу квалитетни луѓе, исклучителни професионалци во својата определба, кои се откажале од кариерата за да се посветат на негата и образованието на своето дете со посебни потребни, вели мајка од Скопје. Таа нагласува дека во земјава не само што се потребни дефектолози, лични асистенти, педагози, психолози, едукатори, медицински сестри, физиотерапевти кои ќе бидат дел од секојдневието и образованието на секое дете, туку многу поважно е да постои модел според кој секое дете, преку едноставна процедура, ќе може да ја добие потребната поединечна или комбинирана помош.

Како стојат работите во моментот? Во секое училиште има педагози, но скоро и да нема образовни институции со психолог, дефектолог, а камоли медицинска сестра или физиотерапевт.

Потребата од дефектолози во училиштата во моментот ја задоволуваат општинските дефектолози, кои ги опслужуваат сите основни училишта за кои се надлежни.

– Но, во некои општини има, во некои нема. За децата со посебни потреби што се дел од инклузивната настава општинските дефектолози подготвуваат посебни наставни програми. Ако ја совлада дадената програма, детето преминува во следното одделение. Кај некои деца има фантастичен напредок и по неколку години продолжуваат да работат според редовната програма, заедно со другите дечиња. Кај други, пак, има назадување. Сè зависи од детето – го објаснува мајката своето искуство.

Мора да се има предвид контекстот

Министерството за образование и наука деновиве испратило барања до училиштата во Македонија да направат анализа, да ја скенира целата состојба во основните и во средните училишта за потребите на децата со посебни потреби. Целта е да се утврди бројката на потребни дефектолози и образовни асистенти што треба да се вклучат во образовниот процес и да им бидат поддршка на учениците со посебни потреби.

Сепак, вели нашата соговорничка, оваа тема е многу широка, а проблемот е комплексен и ги опфаќа буквално сите сегменти од општеството. Затоа треба да постои една широка рамка во која секој ќе може лесно да обезбеди специјализиран персонал што му е потребен.

– На пример, познавам родители што имаат дете со церебрална парализа. Тие си ангажираа персонален асистент, го плаќаат приватно и тој најмалку половина година учеше што му е потребно на детето, се приспособи на неговите секојдневни потреби. Замислете сега да се донесе легислатива со која државата ќе му наметне на ова дете несоодветен персонал, а семејството ќе ја изгуби паричната поддршка. Затоа, мора да се има предвид дека секоја ситуација е приказна за себе – вели таа.

Инклузивното образование е широк поим

На прашањето во наставата со инклузија кој модел на работа со овие деца има најдобар ефект, м-р Магдалена Димкова-Велевска, дефектолог и едукатор во Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, објаснува дека инклузивното образование е широк поим кој подразбира право на сите деца на образование без разлика на нивниот пол, националност, раса, попреченост и друго и тоа почнувајќи од предучилишно до високо образование.

– Учениците со попреченост се дел од категориите што се соочуваат со предизвици при школувањето кои можат да бидат архитектонски, предизвици со наставните цели и материјали, односот на наставникот, соживот со соучениците и друго. Но, сево ова не би требало да биде причина за на еден ученик со попреченост да му се одземе можноста да се стекне со нови знаења и вештини. Наставниците често посочуваат дека не се подготвени или немаат доволно информации за да работат со ученици со попреченост. Но, верувам дека наставниците имаат искуство и знаење, понекогаш комбинирано со дополнителна поддршка, за можат да реализираат успешна настава со учениците со попреченост, во согласност со нивните можности и способности. Модел на работа кој подразбира прифаќање, приспособување, разбирање и ги има предвид способностите и можностите на детето ќе има најдобар ефект за секој ученик, без разлика дали има или нема попреченост – вели таа.

М-р Магдалена Димкова-Велевска: „Секој наставник може“

Според Димкова-Велевска, како што секое дете следи индивидуален тек на својот развој, така и децата со попреченост, интелектуална, физичка, сензорна или друг тип попреченост, се разликуваат во однос на развојниот период, семејната средина, поттикнувањата и стимулацијата, вклученоста во предучилишни установи пред да се запишат во училиште. Поради тоа, не може со сигурност да се каже како едно дете ќе се приспособи во одредена училишна средина.

– Наставниците се во училиштата за своите ученици и сметам дека секој наставник може да одговори на потребите на своите ученици и да им овозможи да се стекнат со образовни знаења. Треба да се има предвид дека, за жал, не секогаш човечкиот фактор е единствениот услов за напредок. Во голема мера и пристапноста и приспособеноста на самото училиште влијаат врз вклучувањето и напредокот на ученикот со попреченост. Кога наставникот првпат во одделението има ученик со попреченост, треба да се советува пред сè со родителите, стручната служба во училиштето и други професионалци што работат во областа за да добие повеќе информации за способностите на својот ученик со попреченост и за можностите за надминување на предизвиците со кои ќе се соочи во наставата (било да е тоа процена на способностите на ученикот, изработка на индивидуален образовен план, подготовка на алатки за работа, приспособување на наставните материјали, евалуација на способностите, оценување). Континуираната комуникација и сoработка со родителите и следењето на напредокот на ученикот ќе покажат колку наставата ги развива неговите потенцијали или треба да се бараат други решенија. Сметам дека на овој начин наставниците можат да одржат редовна настава – вели Димкова-Велевска.

Извор: факултети.мк



912

X