Топол оброк нема, децата во целодневна настава јадат сува храна во училница, а нутриционисти алармираат дека деца во развој не смеат да бидат подолг период без храна со богата нутритивна густина
Технички проблем при изборот на фирма што треба да ги храни основците во Општината Ѓорче Петров цел месец ги остави без топол оброк. Родители на деца што се во целодневна настава реагираат дека се принудени секој ден да им подготвуваат сендвичи или тостови за на училиште, каде што поминуваат цели осум часа. Од Општината потврдуваат дека проблем има, кој од 1 октомври ќе бил решен.
Недозволиво е деца во развој да јадат само сува храна
Цел месец секое утро јас или сопругот подготвуваме храна за на училиште. А изборот на храна за носење не е голем затоа што секако дека не можеме топол оброк да ѝ спакуваме, вели мајка на третоодделенка за „Деца.мк“.
– Поради тоа, секој ден таа јаде ладни сендвичи, тостови. Ставам и овошје, но колку овошје може да изеде дете. Гледам други родители купуваат кроасани, чипсови, смоки. Тоа се сепак деветгодишни деца во развој, осум часа се оставени на настава само на два сендвича. Веќе имавме и проблем со запек поради сувата храна. Ова е неодговорно однесување бидејќи во секој случај, подебелиот крај го извлекоа децата. Јадат во училница. Да траеше ова една недела, немаше да биде проблем, но недозволиво е цел месец да немаат топол оброк – вели револтиран татко.
Фото: Факултети.мк
Општината: Да, децата се без храна
Одговори побаравме во Општината Ѓорче Петров. Оттаму потврдија дека децата се оставени без храна цел септември.
– Поради технички проблем, исхраната за децата од основните училишта во општината ќе започне од 1 октомври. Изборот на фирма почна навреме, но одредени жалби и самата тендерска документација го стопираа процесот. Проблемот е решен, учениците ќе имаат топол оброк за кусо време. Фирмата „Специјал“ го доби тендерот – информираат оттаму.
За тоа дали знаат што се случува и дали има други вакви училишта, објаснување побаравме и од Државниот просветен инспекторат, со оглед на тоа дека со новите законски измени и тој треба да контролира што се случува со исхраната во училиштата. Но, оттаму информираа дека сè уште не добиле ингеренции да вршат вакви контроли и дека за храна во училиштата во моментов единствено одговорна е општината.
Ризик од опстипација, подуеност, дебелина
Од големо значење е децата на оваа возраст да внесуваат храна со голема нутритивна густина – храна која содржи витамини, растителни влакна, антиоксиданси, фитонутриенти, предупредува нутриционистот Цветанка Петрова.
– Храната на која ѝ се отстранети овие материи преку механичка, термичка, хемиска, индустриска или каква било друга обработка е нутритивно сиромашна храна. Или како што ние нутриционистите би сакале да речеме, се јадат празни калории. Секојдневното консумирање на ваквата храна има не само моментални, туку и долготрајни негативни последици врз здравјето на децата. Опстипацијата (запек) е најчеста појава, предизвикана од преголем внес на сува храна, а недоволно растителни влакна и пробиотици. Задржувањето на храната во дигестивниот тракт ја нарушува дигестијата, ги оптоварува самиот систем и цревната флора, а со тоа се зголемува ризикот за појава на разни алергии, интолеранции, автоимуност – предупредува Петрова, која е на магистерски студии по диететика во Словенија.
Таа појаснува дека дебелината е честа појава кај децата што консумираат преголемо количество на храна богата со прости шеќери, транс-масти, глутен, сол, адитиви.
– Добро е познато дека дебелината е кофактор за развој на многу хронични болести, како дијабетес тип 2, атеросклероза и други кардиоваскуларни заболувања, хормонален дисбаланс, автоимуни болести – додава таа.
912