Воспитување

Момо Капор: Распадот на системот почна кога се укина заедничкиот ручек

Секоја ера имаше свое време за ручек.

Пред војната, тој ручек беше во дванаесет часот. По ручекот, околу два, одевме на попладневен одмор, а од затемнетите простории на летните горештини се слушаше блажено ‘рчење. Некои градови од дванаесет до пет ги затворале градските порти за некој да не го наруши времето на неприкосновен одмор. По таа војна, ручекот беше меѓу два и три, бидејќи се работеше од седум до два кога достоинствените уморни татковци се враќаа дома со завиткани весници.

Ручекот беше еден вид мала семејна прослава. На трпезата се собираа три семејни генерации. На чело седеше дедото, кого прв го послужуваа, избирајќи ги највкусните парчиња месо и други деликатеси, потоа таткото и на крајот децата, додека мајката не седеше на масата, туку послужуваше, ја носеше храната од шпоретот. На крајот ќе седнеше кога сите ќе ја напуштеа масата и ќе одеа да се одморат од ручекот. Ќе го јадеше тоа што останало.

Оттогаш остана познатата апсурдна реченица: Не се зборува на ручек! Просто е неверојатно од каде потекнува таа глупава мисла, кога ручеците се прават насекаде низ светот само за да се разговара во текот. Таа фраза е една од познатите глупости што нѐ разликуваат од остатокот од светот.

Распадот на системот почна кога се укината институција заеднички ручек. Денес секој јаде кога и како сака: успешните татковци најчесто јадат надвор, во ресторани, на официјални ручеци, а децата протрчуваат низ домот помеѓу училиштето и тренингот. Мајката, која се обидува да зготви нешто меѓу козметичарот, терминот за педикир и солариумот, изгледа како дежурен сообраќаен полицаец кој чека некој да дојде и да му постави чинија и прибор за јадење.


Чувството на блискост е целосно изгубено – од големата шерпа со бели точки до таблата на која се удира месото (да не се залепи мушамата), црпалката која рамномерно им дели порции на сите на трпезата, што е и еден вид лотарија затоа што не се знае кој ќе го добие најслаткиот дел. На масата нема салфети, дури ни хартиени; сите се бришат со заедничка крпа „факс хелисим“, која порано била детергент.

Дај ми ја крпата! – најчестата реченица за време на ручекот. Најголема привилегија било да се добие најслаткиот дел од ручекот и крпата за бришење, или изгорениот дел од јадењето кој е залепен на дното. Ех, тие носталгични маси на кои никогаш не бевме помалку од шестмина и денешниот осамен оброк во една чинија на празна маса околу која седат духовите на најблиските кои се расеале низ светот и животот.

Во меѓувреме, стана непристојно жената да се нарекува себеси домаќинка. На прашањето: Што работите, госпоѓо? – жената ќе се посрамоти, ќе паузира долго и дури потоа ќе ја даде таа погубна исповед дека е домаќинка и не прави ништо друго. Во време кога жените се менаџери, секретарки, министри или барем ПР, кои ги има мал милион, да се биде домаќинка која не прави ништо друго е поразително признание за залудноста на животот. А има ли нешто посвето од тоа најобично занимање на нашите простори, од онаа жртва на кариерата и суетата, за да им служиме на ближните со љубов која станува сѐ поретка во нашите животи?

Да се оди на пазар, со прсти да се одберат најдоброто овошје и зеленчук, да се смислуваат нови оброци за секој ден кои нема да се повторуваат, а притоа да се внимава да се потроши што е можно помалку, да се готви, мие и пегла, да се чисти куќата, да се одржува домот светол и удобен, да се плаќаат сметки за струја, вода, парно и телефон, да се бараат пари од сопругот секој ден со доза непријатност, да се биде секретарка и ПР на семејството, а често и лекар и негувател, и (повремено) господарка, а истовремено да му кажете на општеството дека ништо не правите, дека сте само домаќинка – за мене тоа е вистински подвиг еднаков на монашкото послушание.

Затоа, драги мои домаќинки, кога тие ПР со долги лакирани нокти ќе ве прашаат што правите, слободно кажете им: Се занимавам со оние што ги сакам.

Автор: Момо Капор

Извор

Поврзани написи

To top