Моите чувства додека сум таму зависат од тоа како се чувствуваат децата. Ако тие се чувствуваат добро, и јас се чувствувам така, вели актерката

Актерката Елизабета Клинчаревска-Младеновска е една од неколкуте што изведуваат актерски претстави за дечињата на Одделот за онкологија на Клиниката за детски болести во Скопје. Сè почнало пред една година кога Поликсена Илиоска од Здружението на граѓани за култура и уметност АН-БЛОК од Скопје ја поканила да учествува во проектот „Заедно со вас да ги направиме децата среќни“.
Вели дека тоа воопшто не била лесна одлука зашто, како многу емотивна личност, не знаела дали ќе има сила да ја исполнува оваа хумана задача, а да не ги вознемири дечињата со нејзината реакција. Но, одлуката била правилна зашто и ден-денес е редовна гостинка на клиниката.

– Првата мисла што ми помина низ глава беше дали дали јас го можам тоа. Бидејќи сум многу емотивна личност, се прашував дали ќе имам сила и храброст да отидам кај тие дечиња, кои се многу болни, и дали ќе можам да ја извршам оваа хумана задача? Морав да ја испитам мојата емотивна подготвеност за такво нешто. Не сакав со некоја моја емотивна реакција да ги исплашам, да ги вознемирам, бидејќи мисијата беше сосема спротивното, барем за момент да ги развеселам децата. Тогаш кај мене преовлада разумот и одлучно и со силен порив прифатив – вели Елизабета.
Овој проект во континуитет се реализира на национално ниво уште од 1998 година, а клиниката, како што објаснува Елизабета, е отворена за соработка за проекти од ваков тип, чија генерална цел е градење самодоверба и вклопување на децата во општествениот живот. Уште полесно било, додава Елизабета, што персоналот на Детската клиника постојано му давал поддршка на проектот и бил беспрекорно гостопримлив и давал стручни насоки од професионален аспект.

Денес принцезата Галена, утре Верче Ѕверче Бумбарче, задутре…

Почнала со делови од театарските претстави во кои играла, а кога ангажманот ѝ завршил, продолжила да ги посетува приватно. Нејзиниот сопруг Петар Младеновски-Пеце од „Суперхикс“ ги поддржува активностите на Ели.  Ели заедно со децата Маша и Никола смислува со кои подароци да ги изненади на следната посета.
– При првите неколку посети ги забавував со понекој дел од некоја моја претстава, облекував костими, ги менував улогите. Така дечињата некогаш ги посетуваше Принцезата Галена, некогаш Верче Ѕверче Бумбарче, друг ден Волшебничката или принцезата Ана, Самовилата од земјата на чудата… Но, кога проектот за оваа година заврши, јас не можев да се разделам од тие прекрасни дечиња и почнав и приватно да ги посетувам. И тогаш бев само Ели. Ги познавам дечињата и пресреќна сум што и тие ме познаваат мене, што сакаат да се дружиме. Не секогаш правиме претстава. Се случува да појдам и на само половина час, да однесам подароци – книги со приказни, играчки и боенки. Или си раскажуваме приказни, боиме, а многу често и играме фудбалче на „маса со рачки“ со момчињата. Искрено, многу се зближив со дечињата. Им ги знам желбите, но и маките – вели Елизабета.
Престојот воопшто не е лесен, знаејќи ја нивната здравствена состојба и, како што објаснува актерката, сè мора да е приспособено на нив и сè мора да биде според стручните совети на лекарите што се грижат за децата, за да не се направи ни едно нешто што може да ги натажи, вознемири, исплаши…

Подароците се бесценети

– Моите чувства додека сум таму зависат од тоа како се чувствуваат децата. Ако тие се чувствуваат добро, и јас се чувствувам така. Но, доколку некое од нив е тажно, и јас сум… Едноставно, не можете да побегнете од тоа. Но, од друга страна, морам и сакам да ја исполнам мисијата, а таа е да им го привлечам вниманието и да ги насочам да размислуваат на нешто друго, нешто позитивно, барем за момент да ги оттргнам од секојдневието. Најчесто во тие моменти ги прашувам за нивните идоли, кои пејачи ги сакаат, како кои спортисти или актери сакаат да бидат. Увидов дека сите деца најмногу ја сакаат таа тема, не можам да опишам со колкава посветеност и радост зборуваат за своите идоли. Радоста кулминира кога ќе им однесам подароци со ликот на нивниот идол. Тогаш емоциите бликаат од сите страни – вели Елизабета и додава дека, сепак, најважно е децата да ја почувствуваат искрената љубов и насмевка.
Актерката вели дека кога дечиња ќе ѝ дадат подарок, тоа е нешто скапоцено.
– Првиот пат ми требаше и психичка подготовка. Многу размислував како ќе настапам, како ќе им се доближам, како ќе се однесувам со нив, да внимавам што зборувам бидејќи тие го впиваат секој збор. Сега е поинаку бидејќи се познавам со поголем број од децата – објаснува Елизабета.
Таа вели дека разделбите се тешки.
– Многу ми е тешка разделбата затоа што ги оставам таму, во нивните соби, со нивните маки, проблеми… Во тие моменти не си одам веднаш дома, туку наоѓам некое мирно место во природа и размислувам за нив, за нивните родители, за нивните роднини, за лекарите, за тоа колку треба да си ги цениме животот и здравјето. Размислувам и за следните средби, што им е потребно на децата, дали ги имаат сите услови за лекување, како да им се помогне, но и на нивните напатени родители и на лекарите кои несебично даваат сè од себе – вели актерката.

Мисијата не е само игра

Овој проект, објаснува Елизабета, не е само дневно дружење, приказни и забава, туку има образовно, културолошко и психосоцијално значење. Во него се вклучени луѓе со најразлични професии кои ги едуцираат децата преку однапред изготвени проекти и презентации: за здрава храна, лична хигиена, однесување со другарчињата и со повозрасните… Мисијата на сите нив е колку што можат да ги доближат до децата елементите од сите сфери на општественото живеење.
Според Елизабета, она што е особено интересно е комуникацијата со децата и нивното однесување, на кое задолжително таа и сите други што учествуваат во овој проект мора да се приспособуваат и придржуваат.
– Доколку сум кај дечињата како некој лик од приказна, ме прашуваат работи поврзани со ликот и приказната. Но доколку сум кај нив како Ели, тогаш разговараме за нивните желби, мечти, проблеми на училиште, омилени работи, места што сакаат да ги посетат или само си играме. Понекогаш кога не се расположени воопшто, не ги вознемирувам. Едноставно чекам самите да пристапат, па тогаш да почнеме игра или разговор – раскажува нашата соговорничка.

Обезбедете подобри услови за престој и лекување!

Овие дечиња мора да имаат подобри услови и за престој на Клиниката и за лекување, вели Елизабета. Таа додава дека кога ги посетува, не може а да не забележи дека таму има работи што мора да се променат.
– Апелирам и до министерот лично и до целото Министерството за здравство да преземат итни мерки за да им овозможат на сите деца што се пациенти на Детската клиника подобри услови за лекување. Собите се мали и задушливи, а во нив престојуваат по 4 лица. Иако примарната цел е лекувањето, каде што секако дека секогаш може повеќе да се направи ако се овозможат услови и средства, мислам дека треба и престојот таму да им биде поубав, а со тоа и стресот помал. Необично звучи, но со поголема занимална – поголема радост – вели Елизабета и најавува нова средба со нејзините другарчиња. И утре, и задутре…
Таа во моментов работи на две детски претстави што се поставуваат на независната сцена на театарот „Арт Вени Види“, глуми во филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, кој ќе ја има својата премиера на 5 октомври и се подготвува за уште еден филм. Има и интензивни проби за претстојниот музички фестивал „Од ребро до рок“. Заедно со сопругот Пеце го организираат детскиот фестивал „Жапчиња“.



912

X