Мирните ученици се наградуваат со оценка повеќе, а темпераментните се казнуваат со оценка помалку. А дисциплината не треба да има влијание врз оценката на ученикот затоа што се случува солиден ученик да биде недисциплиниран и да ја нарушува атмосферата на часовите, но да има знаење и да поседува најразлични вештини, вели наставничката Марија Богатиновска
Сега е период на испрашувања и тестови по речиси сите предмети во училиштата бидејќи се ближи крајот на учебната година, која нема да биде продолжена поради штрајкот на Синдикатот за образование. Ако ги прашате просветните работници, ќе ви кажат дека најтешката задача за еден наставник е реално и праведно да ги оцени своите ученици. Оценувањето е склоп од повеќе фактори, смета Марија Богатиновска, одделенска наставничка во Основното училиште „Никола Карев“ во Пробиштип.
– Пред сѐ, се оценуваат постигнувањата на поставените цели и стандарди, а секако еден дел заземаат и посветеноста, упорноста, истрајноста на ученикот, односно колку квалитетно ги извршува поставените задачи. Оценувањето е различно во различни периоди од воспитно-образовниот процес. Во првиот период оценувањето е описно, а тестови во првите одделенија речиси и да нема – вели наставничката.
Како што вели, се практикуваат наставни листови, квизови или евентуално тематски тестови.
– Преамбициозно е на ученици од одделенска настава да им се даваат годишни тестови кои најверојатно произлегоа како идеја во времето на екстерното тестирање. Честопати влијание врз оценката, за жал, има и дисциплината на ученикот, односно мирните ученици се наградуваат со оценка повеќе, а темпераментните се казнуваат со оценка помалку. Дисциплината не треба да има влијание врз оценката на ученикот затоа што се случува солиден ученик да биде недисциплиниран и да ја нарушува атмосферата на часовите, но да има знаење и да поседува најразлични вештини. Во такви ситуации треба да се работи на воспитната компонента и да се преземаат други мерки, а не ученикот да се казнува со намалување на оценката – потенцира Богатиновска.
И проф. д-р Кирил Барбареев, кој работеше на новата Концепција за образование, смета дека не е едноставно да се напишат оценките во еден клас од 24 ученици.
– Концепцијата поаѓа од стандарди и политики на оценување, предлогот е да се користи широк дијапазон на методи. Критериуми за оценување има за секој наставен предмет. За секоја конкретна задача, за секој тест и за секој одговор што се оценува, се воспоставуваат јасни и однапред познати критериуми за оценување – вели тој.
Од Бирото за развој на образованието, кога ја најавуваа новата Концепција, рекоа дека ќе се инсистира на перманентно оценување низ целата учебна година, при што се користат различни техники и се прибираат податоци за постигнувањата на ученикот.
– Оценувањето не е процес кој се сфаќа како она што е сега практика – прво децата учат, па потоа ќе бидат оценети. На секој час, за секоја наставна содржина наставникот ќе бара начини како да провери колку учениците ја совладале таа содржина. Учениците не треба да го доживуваат тоа како нешто што е страшно, туку како нешто што е составен дел на наставата – рекоа во Бирото.
912