Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 2 години и четири месеци (за нејзини години е многу напредна, ние како родители го забележуваме тоа, но и луѓето околу нас, реди сложувалки, ги знае броевите до 10, знае да каже како се вика, од каде е, чисто зборува, знае што сака…). Уште од бебе (од 9 месеци) почна да оди во градинка, на почетокот плачеше како и секое дете, но потоа се навикна и одеше без проблем. Таму јадеше, спиеше, си играше со децата, таму научи да оди. Многу се поврза со негувателката, одеше во градинка без паузи сѐ додека не ги затворија градинките поради пандемијата. Сега повторно почна да оди, но е во друга група, со друга негувателка. Првите две недели плачеше кога ја оставав на врата, но за кратко се смирувала и почнувала да си игра со децата, да соработува и да си ги јаде оброците. Но последните 4 недели не плаче кога ја оставам на врата, таму не јаде ништо од 8 до 16 часот, не си игра со децата, не соработува со негувателката, кога треба да цртаат, да бојат во боенките, таа стои настрана и ништо не прави, молчи и само гледа. А кога ќе си дојде дома, ми кажува што работеле другите деца и ме тера со неа да играм и да цртам. Пробуваме и јас и татко ѝ да ѝ објасниме колку е убаво да си игра таму со сите деца, да црта, да бои, да јаде, но таа вели дека нема да јаде во градинка. Моето прашање е да има психолошки проблеми, па затоа се повлекува? Како да постапиме?
ОДГОВОР: Околу втората година децата влегуваат во развојната фаза „НЕ“.Тие покажуваат лутина и се бунтовни во различни ситуации. Тоа не значи дека детето е разгалено или има психолошки проблеми како што вие посочувате, едноставно ги открива своите желби и потреби, своето однесувањето го насочува кон нивно задоволување и ако не успее, се фрустрира. Во овој период се појавува и чувството на срам. Децата се срамат од непознати лица, одбиваат да се поздравуваат, да одговараат на прашања. Во овој период е важно да ги почитуваме детските емоции, да им се дава важност и да ги прифаќаме. Со вашето дете да разговарате како се чувствува додека ги гледа другарчињата како играат, јадат или прават други активности во градинка, без да го критикувате или да го убедувате што да прави. На овој начин детето стекнува доверба, ги препознава сопствените емоции и учи како на примерен начин да ги изрази сопствените емоции. Препознавајте ги моментите кога вашето дете е преплавено со емоции и помогнете му да изрази што чувствува на прифатлив начин.
Кај вашето дете во периодов се случиле многу промени. Од одење во градинка и другарување, до седење дома и изолираност поради пандемијата, па повторно почнување во градинка со нови лица. Нормално е да реагира на промени, па треба да ѝ овозможите време да се приспособи на промените што настанале. Дома играјте, читајте сликовници, гледајте едукативни филмови, бидете заедно, без многу да потенцирате што треба да прави со децата и како да се однесува со другите. Бидете ѝ модел за дружење, трпеливост и негување на весело расположение, потоа таа истото ќе го применува со другарчињата. Покажете ѝ со свои примери како да се справува со емоциите и не заборавајте да се грижите и за себе. Немојте да бидете престроги кон себе, ниту кон детето, обидете се да ги намалите стресовите, прифатете го процесот на приспособување на целото семејство. Слушајте ги вашите и потребите на семејството и уживајте.
Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912